Според новите пресметки на меѓународниот тим физичари, нашиот универзум во далечна иднина би можел да се уништи самиот во себе и тоа за помалку од 10 милијарди години.
Доколку неодамнешните информации за променливата темна енергија се точни, ширењето на вселената нема да трае вечно туку еден ден ќе запре и ќе се пренасочи во процес којшто научниците го нарекуваат „Big Crunch“.
Студијата објавена во магазинот „Journal of Cosmology and Astroparticle Physics“ се темели на новите модели кои ги развиле физичарите од Меѓународниот центар за физика во Шпанија.
Нивните пресметки покажуваат дека вселената би можела да има вкупен животен век од околу 33,3 милијарди години, а поради тоа што од големата експлозија поминале 13,8 милијарди години, тоа би значело дека ни преостануваат помалку од 20 милијарди години.
Космолошка константа
Според моделот, вселената ќе се шири уште околу 11 милијарди години, по што ширењето ќе забави, ќе запре и потоа ќе почне контракција кон големото стеснување.
„Последните 20 години научниците веруваат дека космолошката константа е позитивна и дека вселената засекогаш ќе се шири. Новите податоци упатуваат дека космолошката константа би можела да биде негативна, што значи дека вселената ќе заврши во големо стеснување“, објаснуваат физичарите.
Космолошката константа означена со грчката буква λ е поим којшто го вовел Алберт Ајнштајн за да го опише однесувањето на вселената во општата теорија на релативноста. Доколку константата е позитивна, таа делува како сила која го поттикнува ширењето на вселената. Доколку е негативна, делува како постојана привлечна сила која со текот на времето може да запре и да го пренасочи ширењето.
Неодамнешните набљудувања укажуваат дека темната енергија, таинствената сила која го забрзува ширењето на вселената, можеби не е постојана туку се менува со текот на времето.
Авторите нагласуваат дека не станува збор за сигурна прогноза туку за една можна иднина, доколку се потврдат моменталните пресметки за променливата темна енергија.
„За секој облик на живот важно е да се знае каде почнува и каде завршува. Во текот на 60-тите дознавме дека вселената има почеток. Прашањето кое сега го поставуваме гласи: Има ли крај? Доколку овие податоци се точни, се чини дека има“, заклучуваат физичарите.