Погрешно испечатени ливчиња во Ново Село и наводи за поткуп во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе

Макфакс

19/10/2025

13:11

214

Големина на фонт

а а а

Денешното гласање до сега поминува мирно без поголеми нарушувања на изборниот процес, соопшти Јавното обвинителство.

„Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса izbori@jorm.mk не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело“, се наведува во соопштението.

Јавен обвинител од ОЈО Струмица денеска усно е известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село и извршен е разговор. Известена е Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.

Во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп се евидентирани во ОЈО Велес, ОЈО Прилеп, ОЈО Крива Паланка и ОЈО Свети Николе. Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите.

Има неколку информации и во однос на настани со елементи на прекршување на изборниот молк, но до овој момент вкупно евидентирани се многу мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па со оглед на тоа изборниот процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.

Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес, а електронската адреса izbori@jorm.mk останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите.

И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а обвинителството тесно се координира и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.

Од Обвинителството наведуваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.