Се вели дека парите не носат среќа, ама во Македонија – носат барем малку мир. Или го купуваат. Денешната реалност покажува дека животот станува сè поскап, особено во градовите каде што „се врти“ животот – а најмногу се врти, разбирливо, во Скопје.
Главниот град одамна не е симбол на можности, туку на сметки. Станарина, струја, бензин, градинка, храна – во просек, еден скопјанец треба да одвои над 56.000 денари месечно за пристоен живот. А за семејство со две деца, бројката лесно оди над 130.000 денари. И тоа, без некој раскош.
Кога ќе ги прашаш луѓето што живеат во главниот град, најчестиот одговор е – „не се живее, се преживува“.
Повеќето млади парови живеат под кирија и трошат повеќе од половина плата на кирија и за сметки.
Еднособен стан во Центар или во Тафталиџе чини меѓу 250 и 350 евра, а ако бараш нешто „малку подобро“, цената оди до 400.
„Ние двајцата земаме по 800 евра вкупно. После киријата и сметките, ни остануваат 300. И тоа ако не мора да поправаме кола или да платиме нешто дополнително“, раскажува Елена, млада мајка од Скопје. „И кога ќе речеш дека ќе живееш во главен град за подобар живот – сфаќаш дека само живееш поскапо“.
Но, не е исто насекаде. Во Велес, Прилеп или Штип, сликата е поинаква.
Храната е за 10 до 20 проценти поевтина, кириите се двојно пониски, а животниот ритам – побавен.
Во овие градови може да се најде стан за 150 до 200 евра, па и поевтино, а месечните трошоци за едно лице ретко надминуваат 35.000 денари.
„Во Велес имам своја куќа, градина и не плаќам паркинг. Тоа веќе е како бонус“, вели пензионерот Илија, кој пред пет години се преселил од Скопје во родниот град. „Не дека е лесно, ама не се гушиш од сметки“.
Економските аналитичар објаснуваат дека разликата во цените меѓу регионите е природна, но сè повеќе зависи и од психологијата на пазарот.
„Во Скопје цените растат не само поради побарувачката, туку и поради перцепцијата дека главниот град ‘мора’ да биде поскап. А во помалите места, напротив, продавниците се борат за секој купувач, па цената често е под реалната пазарна вредност“.
Иако главниот град сè уште нуди повеќе можности за работа, поголем дел од граѓаните во последно време се преселуваат во населби околу Скопје – во Ѓорче Петров, Волково, Илинден, па дури и во села со добар патен пристап.
Таму животот е нешто поевтин, а до град се стигнува за 15-20 минути. Но, и таму, како што велат жителите, „цените веќе не се тие што беа“.
Секој град во Македонија има своја логика на скапотија. Во Битола, цените на храната се меѓу највисоките надвор од Скопје, поради близината со Грција и увозот.
Во Охрид, трошоците скокаат во лето, кога градот станува туристички центар.
Тетово и Гостивар имаат највисоки цени на месо и млечни производи, затоа што пазарот зависи од увоз.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.