Кралот Чарлс и папата Лав XIV ќе станат првиот британски монарх и папа што ќе се молат заедно на црковна служба од времето на Реформацијата во 16 век.
Историскиот момент ќе се случи следната недела во Систинската капела за време на државната посета на кралот Чарлс и кралицата Камила на Ватикан.
Под познатиот свод на Микеланџело, службата ќе ги собере свештенството и хоровите на Римокатоличката црква и Англиканската црква, чиј врховен поглавар е кралот.
Важен симбол на помирување
Посетата се смета за важен симбол на помирување, а воедно тоа ќе биде и прва средба на кралот со новиот папа Лав XIV, роден во Америка. Државната посета на Ватикан била реорганизирана откако претходната била одложена поради лошата здравствена состојба на претходникот на Лав, папата Франциск.
Кралот и кралицата имале приватна средба со папата Франциск во април, на 20-годишнината од нивната венчавка, една од последните средби на покојниот папа со високи функционери пред неговата смрт.
Државната посета, која ќе се одржи на 22 и 23 октомври, ќе вклучува серија состаноци и служби што ќе го истакнат топлиот однос меѓу Англиканската црква и Католичката црква. Кралот и кралицата ќе се сретнат со папата и високи ватикански претставници, а ќе се одржи и посебна екуменска служба за да се спојат католичките и англиканските традиции.
Британскиот монарх и папата не се молеле заедно од 16 век
Иако имало претходни средби меѓу монарси и папи, вклучувајќи ги и оние на покојната кралица Елизабета II, од Бакингемската палата и Англиканската црква велат дека немало сличен момент во кој британски монарх и папа се молеле еден покрај друг на заедничка црковна служба уште од расколот на Хенри VIII со Рим во 16 век. Кралските извори го нагласија историското значење на пригодата, со оглед на долгогодишната посветеност на кралот на градењето мостови меѓу верите.
Кралскиот пар ќе ја посети и базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“, која има историска поврзаност со англиската круна уште од времето на саксонските владетели.
За монархот е изработено посебно седиште украсено со неговиот грб, кое трајно ќе остане во апсидата како знак на заемна почит и ќе биде достапно за неговите наследници.
Исто така во духот на добра волја, папата предложи, а кралот прифати почесна титула „кралски конфратар“ на опатијата, со што се признава духовното заедништво, без какви било уставни или црковни обврски за монархот и без промени во неговата формална позиција во Англиканската црква.
Од Англиканската црква велат дека овој чекор доаѓа по векови на недоверба меѓу англиската држава и папството, која е ублажена со развојот на екуменското движење во 20. век. Денешните напори на Англија и католиците остануваат насочени кон пронаоѓање заедничка основа и единство.