[ВИДЕО] Кенијската снаа во Македонија што ќе ви го разубави денот: Слушнете ги најпознатите македонски рефрени во „изведба“ на Емa Блажеска

Точка

16/10/2025

22:22

1.796

Големина на фонт

а а а

Од срцето на Африка до срцето на Балканот – животната приказна на Емакулате Вандера Блажеска звучи како филм, но е вистинска, топла и многу македонска. Потекнува од далечна Кенија, а денес живее во Скопје, омажена за Михајло Блажевски, со кого ја има ќерката Дариа.

Оваа ведра, харизматична жена ги освои социјалните мрежи со своите видеа во кои пее македонски песни – народни, забавни, евергрини. Со симпатичниот акцент, широката насмевка и љубовта што ја внесува во секој стих, Ема успеа да стане вистинска Интернет сензација, но и симбол на тоа како љубовта може да спои два света.


„Кога пеам македонски песни, се чувствувам среќна и поврзана со луѓето тука. Публиката ме мотивира – кога ќе ми напишат дека сум им го разубавила денот, тоа ме мотивира да продолжам“, вели Ема во едно интервју.


Ема претходно работела како учителка на Тајланд, каде што живеела неколку години, а со сопругот се запознала преку Интернет. Признава дека, пред да го запознае него, не знаела речиси ништо за Македонија – ниту каде се наоѓа, ниту каква култура има. Денес, пак, таа со гордост пее за Македонија и во секое видео ја пренесува убавината на македонскиот јазик.


„Јас го учев македонскиот јазик преку песните. Кога пеам, учам зборови, изрази, нагласок. Се чувствувам како Македонка, иако сум родена во Кенија“, раскажува Ема, додавајќи дека и нејзината ќеркичка Дариа расте во двојна култура – со африканска енергија и македонска традиција.


Родителите на нејзиниот сопруг ја обожаваат и со љубов ја викаат „Емче“, а таа возвраќа со почит и скромност. За Божиќ и Нова година, покрај традиционалните македонски јадења, секогаш на масата има и нешто од Кенија – како симбол на спојот на две култури, два континента и две срца.


„Се чувствувам како дома. Македонија ми стана втор дом, а луѓето – моето семејство“, вели Ема.


Со своите видеа, песна и позитивна енергија, Емакулате Вандера Блажеска не само што го разубавува секојдневието на илјадници следбеници, туку нè потсетува дека љубовта и музиката немаат граници – ни јазични, ни географски.

Автор: Ц.Н.