Морските биолози идентификувале нов вид ајкула од родот „Hemiscylliu“ во водите на источна Папуа Нова Гвинеја, со што е проширена исклучителната група гребенски ајкули познати по тоа што ги користат своите четири перки за „чекорење“ по морското дно.
„Чекоречките“ ајкули опфаќаат десет слични видови тепих-ајкули, чија идентификација се заснова на карактеристичните шари, генетските маркери и географски ограничената распространетост.
Овој вид е ендемичен за Австралија и островот Нова Гвинеја, регион што се совпаѓа со глобално жариште на разновидност на тепих-ајкули (carpet), обликувано од сложената тектонска историја и промените на нивото на морето.

Чекоречките ајкули се мали, претежно ноќни и бентосни ајкули, кои обично достигнуваат вкупна должина од 70 до 80 сантиметри, додека најголемиот досега забележан примерок бил долг 107 сантиметри. Најчесто се среќаваат во плитки крајбрежни живеалишта, вклучувајќи корални гребени, корита со морска трева и мангрови, главно на длабочини помали од 10 метри, но биле забележани и на длабочина од 50 метри.
„Чекоречките“ ајкули имаат исклучително ограничено подрачје на движење, од само неколку стотици квадратни метри до неколку квадратни километри, поради нивната ограничена подвижност и бентосниот начин на живот.
Покрај тоа, овие ајкули се јајценосни и полагаат мали овални јајца на морското дно, што дополнително ја ограничува нивната способност за ширење. Иако знаењата за распространетоста на „чекоречките“ ајкули се значително проширени во последните две децении, видовите што живеат во водите на источна Папуа Нова Гвинеја и натаму се слабо истражени.

Во новата студија, д-р Кристин Даџон од Универзитетот „Саншајн Коуст“ и нејзините колеги се обиделе да ги пополнат овие празнини со истражување на распространетоста на „чекоречките“ ајкули во источна Папуа Нова Гвинеја.
„Нови видови ајкули не се откриваат толку често, а ова е дефинитивно првиот што е именуван по мене“, изјавила д-р Даџон.
Новиот вид од родот „Hemiscyllium“ бил откриен за време на истражувањата спроведени меѓу 2023 и 2025 година во провинцијата Милн Беј во Папуа Нова Гвинеја.

Наречена Даџонова еполета (Hemiscyllium dudgeonae), оваа ајкула се одликува со уникатна шара од кафеави дамки, испреплетени со бели точки и цртички по телото, како и со впечатлива ознака налик на око зад главата.
Генетските докази укажуваат дека новиот вид е тесно поврзан со видот „Hemiscyllium michaeli“.
Истражувачите, исто така, предупредуваат дека „Hemiscyllium dudgeonae“ би можела да биде многу ранлива поради нејзината очигледно ограничена распространетост.
„Се надеваме дека ќе собереме повеќе податоци за време на нашето следно истражувачко патување во октомври, за да ѝ помогнеме на Црвената листа на IUCN да го процени видот како ранлив или загрозен од истребување“, изјавила Џес Блејквеј од Универзитетот „Саншајн Коуст“.

Научниците, исто така, ја ревидирале познатата распространетост на видот „Hemiscyllium michaeli“ и на уште еден вид „чекоречка“ ајкула од Папуа Нова Гвинеја – „Hemiscyllium hallstromi“.
„Нашето истражување го промени и досегашното разбирање за тоа каде може да се сретнат ’чекоречките‘ ајкули. Претходно се сметаше дека секој вид има различни природни бариери во живеалиштето, како реки или длабоки води. Сега знаеме дека нивните подрачја на распространетост во источна Папуа Нова Гвинеја се преклопуваат, иако видовите не се појавуваат заедно. Новиот вид е десеттиот во родот еполетни ајкули во Папуа Нова Гвинеја. Пет од нив веќе се наведени како загрозени од истребување на Црвената листа на IUCN според критериумот Б, кој се применува само на три проценти од сите ајкули“, објаснила Блејквеј.
Трудот на тимот бил објавен на 15 јуни во списанието „Journal of the Ocean Science Foundation“.














