Босанскиот фотограф Сафет Хаџимусиќ, со помош на вештачка интелигенција креирал фотографија со музички великани кои повеќе не се меѓу нас, а која трогна многумина на социјалните мрежи.
На неа можат да се видат музичките легенди Оливер Драгоевиќ, Кемал Монтено, Даворин Поповиќ, Халид Бешлиќ и Ѓорѓе Балашевиќ, како стојат прегрнати и пеат заедно.
„Песната не умира – само го менува небото под кое се пее. Халид сега е таму, каде што ѕвездите ги слушаат рајските птици…“, напиша Хаџимусиќ покрај фотографијата која за кратко време привлече огромно внимание на социјалните мрежи.
Покрај тоа додал: „Музичките великани сега се заедно“.
Фотографијата е создадена по смртта на Халид Бешлиќ, кого го оплакуваше целиот регион, но и бројни градови ширум светот.
Имено, оваа недела беа организирани собири во повеќе од 150 градови низ светот, каде што се пееја песни од легендата на народната музика – во негова чест.
Да потсетиме, Халид Бешлиќ почина на 7 октомври, на 72-годишна возраст, по кратка борба со тешка болест. Освен по музиката што одбележа генерации, ќе остане запаметен и како хуманитарец и човек со големо срце.