Официјалната истрага откри зошто имплодирала подморницата Титан: Сите патници загинаа, а трагедијата можела да биде избегната?

Точка

16/10/2025

18:32

1.009

Големина на фонт

а а а

Неисправниот инженеринг довел до имплозија на експерименталната подморница Титан, во која загинаа пет лица на пат кон остатоците од „Титаник“, заклучи Националниот одбор за безбедност во сообраќајот („NTSB“) во извештајот објавен во средата.

„NTSB“ го соопшти овој заклучок во својот конечен извештај за колапсот на трупот и имплозијата на подморницата во јуни 2023 година. Сите патници во подморницата загинаа во северниот Атлантски океан кога Титан доживеа катастрофална имплозија за време на спуштањето кон остатоците од „Титаник“.

Во извештајот на „NTSB“ се наведува дека неисправниот инженеринг „резултирал со изградба на притисна комора од композитни јаглеродни влакна, која содржела бројни аномалии и не ги исполнувала неопходните барања за цврстина и издржливост“. Исто така, се потенцира дека компанијата „OceanGate“, сопственик на подморницата, не ја тестирала соодветно подморницата и не била свесна за нејзината реална отпорност.


Во извештајот исто така се наведува дека Титан најверојатно би бил пронајден побрзо доколку „OceanGate“ ги следела стандардните упатства за постапување во вонредни ситуации, што ќе заштедело време и ресурси — иако во овој случај спасувањето не било можно.

Извештајот на „NTSB“ се совпаѓа со извештајот на американската Крајбрежна стража, објавен во август, кој имплозијата на Титан ја опиша како трагедија што можела да биде спречена. Крајбрежната стража утврдила дека безбедносните процедури во „OceanGate“ биле „критично недоволни“ и дека постоеле „очигледни разлики меѓу пропишаните протоколи и реалната пракса“.

Компанијата „OceanGate“ го прекина своето работење во јули 2023 година и започна процес на затворање. По објавувањето на извештајот на Крајбрежната стража во август, портпаролот на компанијата изрази сочувство до семејствата на настраданите.

Во имплозијата на подморницата загина и извршниот директор на „OceanGate“, Стоктон Раш, што предизвика бројни тужби и повици за построга регулација на приватните длабински океански експедиции. Загинаа и францускиот подводен истражувач Пол-Анри Наржеоле, познат како „господин Титаник“, британскиот авантурист Хејмиш Хардинг, како и пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман Давуд.


Во извештајот, „NTSB“ препорачува Крајбрежната стража да формира панел од експерти кој ќе ги проучува подморниците и другите притисочни апарати наменети за човечка употреба. Исто така, се препорачува Крајбрежната стража да воспостави прописи за тие апарати, базирани на резултатите од студијата.

Во извештајот се повикува и на споделување на наодите од истражувањата со индустријата, која во последниве години значително се прошири поради порастот на приватно финансирани океански истражувања.

Подморницата од 2021 година изведувала мисии до местото на потонувањето на Титаник. Нејзиното последно нуркање било изведено на 18 јуни 2023 година. Контактот со матичниот брод бил изгубен околу два часа подоцна, а подморницата била пријавена како исчезната истото попладне. Бродови, авиони и специјална опрема биле веднаш испратени на локацијата — околу 700 километри јужно од Сент Џонс, во канадската провинција Њуфаундленд.

Неколкудневната потрага по преживеаните го привлече вниманието на светската јавност, но брзо стана јасно дека нема преживеани. Крајбрежната стража и другите надлежни служби потоа започнаа обемни истраги за причините за трагедијата.