Телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин попладнево бил „добар и продуктивен“, соопшти Белата куќа.
Двајцата лидери се договориле нивните тимови да се состанат на високо ниво веќе следната недела за да го продолжат дијалогот. Состанокот би можел да послужи како подготовка за уште една лична средба меѓу Трамп и Путин, која би можела да се одржи во блиска иднина, се вели во соопштението. Меѓутоа предмалку се огласи и Трамп при што рече дека договориле средба со рускиот претседател во Будимпешта.
Трамп: Ќе се сретнам со Путин во Будимпешта
Американскиот претседател рече дека е постигнат голем напредок.
„Тукушто завршив многу продуктивен телефонски разговор со претседателот Владимир Путин од Русија. Претседателот Путин ми честиташе мене и на Соединетите Американски Држави за големото достигнување – воспоставувањето мир на Блискиот Исток, нешто за кое, како што рече, се сонувало со векови.
Верувам дека успехот на Блискиот Исток ќе помогне и во нашите преговори за завршување на војната Русија/Украина. Претседателот Путин ѝ се заблагодари на првата дама Меланија за нејзиниот ангажман со децата. Тој беше многу благодарен и рече дека ова ќе продолжи.
Исто така, поминавме многу време разговарајќи за трговијата меѓу Русија и Соединетите Американски Држави откако ќе заврши војната со Украина. На крајот од повикот, се согласивме да се одржи состанок на нашите високи советници следната недела. Првичните состаноци од страна на Соединетите Американски Држави ќе ги води државниот секретар Марко Рубио, заедно со други лица кои ќе бидат именувани.
Локацијата на состанокот сè уште не е утврдена. Претседателот Путин и јас потоа ќе се сретнеме на меѓусебно договорена локација, во Будимпешта, Унгарија, за да се обидеме да ја завршиме оваа „неславна“ војна меѓу Русија и Украина.
„Претседателот Зеленски и јас утре ќе се сретнеме во Овалната соба, каде што ќе разговараме за мојот разговор со претседателот Путин и за многу други теми. Верувам дека е постигнат значителен напредок во денешниот телефонски разговор“, напиша Трамп на „Truth Social“.
Портпаролката на Трамп: Средбата меѓу Путин-Зеленски сè уште е можна
Портпаролката на Доналд Трамп, Каролин Левит, ги информираше новинарите во Вашингтон за деталите од телефонскиот повик меѓу лидерите, нагласувајќи дека американскиот претседател сè уште верува дека средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски е можна. Администрацијата на Трамп продолжува со своите напори да посредува за мирно решавање на конфликтот, пренесе Скај њуз.
Според Левит, разговорот траел цели два часа, а Трамп е уверен дека е постигнат напредок во војната во Украина. „Претседателот ќе се обиде да ги потурка работите нанапред за мир“, рече Ливит.
Потсетуваме Трамп се надеваше дека ќе овозможи средба меѓу двете страни по средбата со Путин во Алјаска во август. Иако Зеленски претходно изрази подготвеност да се сретне со рускиот претседател, средбата сè уште не се одржа бидејќи Москва остана неодлучна.