16 октомври за Панчо и Тоше: Утре македонската музичка сцена ќе се поклони во знак на тишина и почит

Точка

15/10/2025

22:33

1.958

Големина на фонт

а а а

Утре, 16 октомври, македонската музика ќе замолкне во знак на почит и тага. Ден кој ќе остане запаметен како симбол на две големи загуби - еден од најтажните датуми во нашата колективна меморија.

Ден кога ќе се простиме од Владимир Блажев – Панчо од дуото ДНК, кој вчера, на 14 октомври 2025 година, ја загуби битката по седум месеци борба со последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Опелото ќе се одржи во црквата „Свети Илија“ во Аеродром од 10 до 12 часот, по што ќе следи погребот на градските гробишта во Бутел. 

Истовремено, 16 октомври е датум кој засекогаш остана впишан во историјата на македонската музика - денот кога, во 2007 година, во трагична сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, го загубивме Тоше Проески. Неговиот глас беше светлина, вера и љубов што ги обединуваше сите.

И така, токму на денот кога ја одбележуваме неговата смрт, Македонија повторно ќе запали свеќа за уште еден свој музички син.

Постои една силна симболика во сето ова - Панчо и Тоше делеа истата мисија: преку музиката да го разубават животот и да ја исцелат тагата.

Особено трогателно е што Панчо, заедно со пејачката Сара Пројковска, која исто така трагично го загуби животот во истиот пожар, ја изведуваше песната „Немир“ - истата таа што Тоше ја пееше во дует со Каролина. Песната како да ги спои повторно, таму каде што музиката не познава крај.

Утрешниот ден ќе биде ден на тишина и сеќавање. Ден кога македонското музичко небо ќе се натажи - не затоа што исчезна светлината, туку затоа што две ѕвезди ќе блеснат заедно, високо, таму каде што болката престанува, а останува само љубовта и песната.

Автор: Ц.Н.