Двајца мажи од Велс пронашле средновековно богатство вредно милиони, но наместо слава и богатство завршиле во затвор – а еден од нив денес е во бегство.
Кога истражителите трагале по измамник кој користел детектор за метал, добиле трага на изненадувачко место. Апел на Фејсбук за пронаоѓање на осомничениот привлекол големо внимание — бидејќи самиот Џорџ Пауел, обвинетиот, коментирал дека бил „мамурен“ на фотографијата која полицијата ја објавила.
„Имаше многу коментари за поддршка на Џорџ, велeа дека не направил ништо лошо и дека не требало да биде во затвор“, изјавила локалната репортерка Холи Морган.
Монети кои ја менуваат историјата
Меѓутоа, она што госпоѓа Морган во тој момент не го знаела е дека Пауел и неговиот пријател Лејтон Дејвис биле осудени за кражба на еден од највредните наоди на богатство во историјата на Британија, вреден околу 3 милиони фунти (околу 3,5 милиони евра).
Пол Велс, трговец со монети, ги предупредил дека влегуваат во опасна територија и дека мора да го пријават наодот, но Пауел бил премногу возбуден за да слуша каков било совет. Велс тогаш се согласил да земе неколку монети и „да се погрижи за нив“.
Подоцна ќе се утврди дека монетите потекнуваат од древно кралство кое опфаќало област каде што биле пронајдени. Овие монети од тој вид ја промениле историската перцепција за односот помеѓу двете кралства, откривајќи сојуз кој претходно не бил познат — токму во време кога се обликувала заедница што ќе стане Англија. Историчарите рекле дека вратените предмети осветлиле нов поглед на борбата за моќ во деветти век, но ако исчезнатите предмети не се пронајдат, шансата да се открие повеќе за животот во времето на кралот Алфред Велики ќе биде засекогаш изгубена.
Питер Рејвил, кој во 2015 година бил службеник за наоди во рамките на програмата на Британскиот музеј, бил човекот кон кого Пауел и Дејвис требало да се обратат кога го пронашле богатството.
„Постоеше гласина дека некој пронашол огромен средновековен џак полн со монети — најмалку 300 парчиња. Приказната беше дека двајца момци дошле од јужен Велс и го нашле. Знаевме дека не е некој локален, но немавме имиња“, рекол Рејвил во подкастот „Fool’s Gold“.
Пауел и Дејвис го игнорирале предупредувањето
Рејвил контактирал детектористи од својата мрежа за да дознае повеќе, и сите потврдиле дека чуле слични информации: дека близу Леоминстер бил пронајден голем средновековен џак. Избришаните фотографии што Пауел и Дејвис претходно ги објавиле на интернет стигнале до Рејвил, кој забележал дека монетите имаат исти симболи и траги од земја — што укажувало дека биле закопани заедно.
Ја пронашол нивната имејл адреса и им испратил порака имаат законска обврска во рок од 14 дена да пријават таков наод.
Сепак, Пауел и Дејвис не послушале. Предале неколку парчиња накит на Националните музеи на Велс, но поголемиот дел од над 300 монети останале „изгубени“.
Во тој момент, полицијата покренала истрага. Приказната води повеќе од 1000 години наназад – во раносредновековна Британија. Се верува дека златото, среброто и стотици монети биле закопани од член на викиншка војска.
Богатството останало изгубено сè до јуни 2015 година, кога Пауел од Њупорт и Дејвис од Понтиприд започнале да пребаруваат едно поле во близина на Леоминстер со помош на метални детектори. Кога наишле на закопаното богатство, верувале дека ќе се збогатат и засекогаш ќе си го променат животот — и делумно биле во право.
За користење детектор на приватен имот е потребна дозвола од сопственикот – дозвола што тие не ја имале. Наместо да го пријават наодот на сопственикот на земјиштето и на локалните власти, како што налага законот, двајцата го однеле богатството со себе во Велс и објавиле фотографии на веб-страница за детектористи. Наскоро ги избришале – но интернетот, како и полицискиот софтвер, ништо не заборава.
Осудени на долгорочни затворски казни
Тие се осудени во 2019 година – Пауел на 10 години затвор (подоцна намалено на шест и пол), а Дејвис на осум и пол години (намалено на пет).
Судијата Николас Картрајт ги осудил овие мажи на 10 и 8,5 години затвор за кражба, наведувајќи дека ги измамиле не само сопственикот на земјиштето, туку и јавноста поради „исклучително ретките и значајни“ монети.
Судијата наредил и двајцата да вратат по 600.000 фунти (околу 700.000 евра), бидејќи се верувало дека сè уште кријат дел од наодот – околу 270 монети и накит. Вкупната вредност на богатството се проценува на износ помеѓу 2 и 10 милиони фунти (од 2,34 до 11,7 милиони евра).
На судењето во септември 2024 година, Дејвис добил дополнителни пет години и три месеци затвор бидејќи не го платил долгот. Пауел избегал, што довело до озлогласена објава на Фејсбук во октомври истата година.
Госпоѓа Морган потоа започнала онлајн разговор со него откако ја видела објавата. Пауел бил подоцна уапсен во Единбург, но бил пуштен на слобода во декември. Сепак, кога во јануари 2025 требало да се појави пред суд поради неплатени 700.000 евра – повторно исчезнал. Засега, тој сè уште е во бегство.