[ФОТО] Девојче од Херцег Нови со состав за Рамбо Амадеус го насмеа Балканот: „Ова дете е гениј“

Точка

14/10/2025

09:30

1.202

Големина на фонт

а а а

Црногорскиот музичар Антоније Пушиќ, познат како Рамбо Амадеус, вчера на својот Фејсбук профил сподели писмен состав на едно девојче од неговата зграда, кој ги насмеа неговите следбеници.

Станува збор за состав што ќерката на неговиот сосед во Херцег Нови го напишала на час по мајчин јазик. Музичарот не ја криел својата воодушевеност и истакнал дека девојчето заслужува петка.

„Ќерката на мојот сосед во Херцег Нови добила тема за писмен состав по мајчин јазик: ‘Мојата зграда’. Што се однесува до мене: ‘Одличен (5)’“, напиша тој во објавата.

Девојчето во својот школски состав на тема „Мојата зграда“ одлучила да пишува за познатиот музичар, наведувајќи дека на почетокот не знаела дека тој е пејач.

Ćerka od mog komšije u Herceg Novom dobila jeu svojoj osnovnoj školi temu za pismeni zadatak iz meternjeg jezika ; " Moja zgrada" . Što se mene tiče; Odličan (5)

Posted by Antonije Pušić on Monday, October 13, 2025

„Мојата зграда е мала, има само шест станови. Летно време е живо во нив, а кога ќе дојде есен, освен моето семејство, тука е само уште комшијата Тони. Можеби и вие го познавате. Ако сте чуле за Рамбо Амадеус, тоа е тој. Кога бев мала, не знаев дека е пејач“, напишала таа.

Потоа го опишала изгледот на музичарот, наведувајќи дека знае да носи јакни што личат на чаршафи за маса.

„Го сретнував кога ќе излезев надвор и секогаш забележував нешто необично на него. Понекогаш јакната му изгледаше како да се покрил со чаршаф за маса, а торбата како да носи алат и како штотуку да тргнал нешто да поправа. Кога има силно сонце, на главата не носи шешир, туку крпа на која прави четири чвора, како намерно да сака главата да му изгледа коцкасто“, опишува таа.

Без оглед на неговиот изглед, таа вели дека им помага на нејзините родители кога работат пред зградата, и дека тогаш слуша интересни приказни.


„Сепак, кога моите родители прават нешто пред зградата, тој излегува да им помогне. Работата полесно минува со неговите интересни приказни, обично од неговото и татковото детство. Летово нè повика на неговиот концерт и тогаш сфатив дека неговите песни се необични, исто како него. Не можам да кажам дека ми се допаднаа, поинтересно ми е да ги слушам неговите приказни отколку песните. Намерно не раскажав ниту една приказна, затоа што ако сте му ги чуле песните, претпоставувате какви се и приказните“, напишала таа на крајот.

Нејзиниот состав ги насмеа бројните фанови на црногорскиот музичар, кои имаа само пофални зборови, а некои дури и издвојуваа делови од текстот што најмногу им се допаднале.

„Врв! Најдобро досега“, „Совршено прецизна рецензија, заклучокот на составот (последната реченица) како круна – ова дете е гениј“, „Фантастично! Мораш да ја поведеш на едрење за да има тема за зимскиот распуст“, „Најискрен коментар што можеше да го добиеш“, „Детски искрено и вистинито, како поинаку“, „Какво основно, ова е за факултет“, се само дел од коментарите под објавата.