Ноќта сабота кон недела, на 26 октомври, Македонија ќе се врати на зимското сметање на времето.
Точно во 3 часот наутро, стрелките од часовникот ќе се поместат еден час наназад, на 2 часот, што ќе ни донесе дополнителен час сон и ќе го означи враќањето на стандардното време (CET).
Оваа промена која традиционално носи повеќе светлина во утринските часови и поран мрак во попладневните, годинава ќе се случи најрано во последните единаесет години. Последен пат ги поместивме стрелките од часовникот на тој датум во 2014 година.
Праксата на поместување на стрелките од часовникот не е нова и датира уште од Првата светска војна. Први ја вовеле Германија и Австроунгарија во текот на Првата светска војна со цел да заштедат енергија. После тоа, праксата неколку пати била укината и повторно воведена во поранешна Југославија, за конечно да се всади во 1983 година.
По воведувањето на едноставните прописи на ниво на Европската унија во 1996 година, целиот процес бил стандардизиран, така што сите членки на ЕУ преминуваат на летно сметање на времето последната седмица од март, а се враќаат на зимското сметање на времето последната недела од октомври.
Примарната идеја била усогласување на сообраќајот, комуникацијата и делување во рамките на растечкиот единствен пазар.
Без оглед на долгата традиција, незадоволството од промената на часовникот го достигнало врвот во 2018 година кога Европската комисија спровела јавно истражување меѓу 4,6 милиони граѓани на ЕУ. Резултатите биле јасни: 84 отсто од испитаниците биле за да се укине таа пракса.
Европскиот парламент во 2019 година гласал за укинување на сезонското поместување на часовникот, а конечната промена беше планирана за 2021 година. Но...
Државите членки не можеле да се договорат околу клучното прашање: дали трајно да се задржи летното или зимското сметање на времето.
Додека некои земји, како Франција и Полска биле за трајно летно сметање на времето, други како Финска и Холандија преферирале зимско сметање на времето.
Поради недостатокот на договор и дополнителни глобални кризи како пандемијата, одлуката за укинување на поместување на стрелките од часовникот паднала во втор план и била оставена на чекање.
Според моментално важечките директиви на ЕУ, праксата продолжува најмалку до 2026 година. Постои надеж дека прашањето би можело да се активира во текот на полското претседавање на Советот на ЕУ во 2025 година, но до тогаш, граѓаните може да бидат сигурни дека ќе продолжат да ги подесуваат часовниците двапати годишно.
Додека не се постигне конечен договор на ниво на Унијата, ритуалот „губење“ час напролет и „добивање“ час наесен останува неизбежен дел од реалноста.
Додека Европската унија се колеба, многу од земјите ширум светот одамна ја напуштиле оваа пракса.
Русија трајно преминала на зимско сметање на времето во 2014 година, додека пак Турција одлучила да остане во рамките на летното сметање на времето две години подоцна.
Надвор од Европа, гигантите како Кина, Индија и Јапонија одамна ја укинале оваа промена на часовникот. Слични одлуки донеле и во Бразил, Мексико, Аргентина, Уругвај и низа други земји како Иран, Јордан, Сирија и Азербејџан.
Дури и во внатрешноста на Европа постојат исклучоци, Исланд и Белорусија не ги менуваат стрелките од часовникот, додека пак во Австралија некои сојузни држави применуваат летно сметање на времето, а други не.
Овој глобален тренд на напуштање на сезонски промени на времето врши дополнителен притисок на ЕУ конечно да донесе одлука и да ја заврши праксата која многу од експертите и граѓаните ја сметаат застарена.