Крвава тепачка во Виница: Со камен му го скршил черепот и паднал во кома

Макфакс

07/10/2025

18:02

507

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Виница за кривично дело – Тешка телесна повреда.

Осомничениот 37-годишник, на 2 октомври, на паркинг простор пред ресторан во Виница, со умисла тешко телесно повредил едно лице и му го довел во опасност животот.

Откако започнал вербална расправија со оштетениот во ресторанот, осомничениот пред објектот најпрво го фатил оштетениот за јакната и му задал повеќе удари со тупаници во стомакот. Потоа продолжиле да се туркаат и да се удираат со камења.

Присутни лица се обиделе да ги раздвојат, но во еден момент осомничениот со камен го удрил оштетениот во задниот дел од главата и тој од ударот паднал во бесознание. Му била нанесена тешка телесна повреда – скршеница на черепот на главата, поради која оштетениот се наоѓа во кома и е неконтактибилен, а животот му е доведен во опасност.

Јавниот обвинител, веднаш по настанот, достави предлог до Судот со кој лицето беше обезбедено со мерка притвор во траење од два пати по 48 часа со цел да се обезбедат сите потребни докази особено во поглед на здравствената состојба на оштетениот. Во текот на денешниот ден, веднаш по формалното отворање на истрагата, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за определување редовен притвор во траење од 30 дена.