[ВИДЕО] Терапи Џеф по смртта на Кирк: „Не чувствувате емпатија? Еве зошто тоа има смисла“

Точка

11/09/2025

19:37

541

Големина на фонт

а а а

Популарниот тиктокер „TherapyJeff“ се огласи по убиството на Чарли Кирк во видео кое за помалку од 10 часа собра над еден милион лајкови и беше прегледано повеќе од 5 милиони пати.

„Има смисла ако не чувствуваш длабока емпатија кон некого кој ја изградил својата кариера на тоа што одбивал да ја покаже кон другите“, започнал тиктокерот познат по видеа со психолошки теми. „Сакам да го нормализирам тоа, затоа што понекогаш, кога ќе почине јавна личност, особено на трагичен начин, луѓето веднаш велат – мораш да имаш сочувство. Но ако таа личност го поминала целиот живот минимизирајќи ја туѓата болка, потсмевајќи ѝ се, па дури и придонесувајќи кон неа, има смисла да не чувствувате емпатија,“ рекол тој.


„Тоа не значи дека славите нечија смрт“

„Тоа не значи дека славите нечија смрт, не значи дека сте ладнокрвни, туку само значи дека вашата сочувствителност има граници, а тие граници често се оформени според тоа колку тој некој друг имал сочувствителност во текот на својот живот,“ смета Џеф.

„Постои нешто психолошки здраво во тоа да ги доживеете тие граници. Не мора вештачки да создавате тага за некој кој не покажал емпатија за вас, вашата заедница или за луѓето што ви значат. Можете во исто време да чувствувате ‘не сакам ова да му се случи на никого’ и ‘не се чувствувам тажно за оваа личност’,“ порачал тој.

„Тоа не е сурово, тоа е искрено,“ заклучил.

Кој е TherapyJeff?

„TherapyJeff“ е Џеф Гентер, лиценциран терапевт (LPC – Licensed Professional Counselor), познат по својата работа на социјалните мрежи и како креатор на содржини поврзани со врски, самодоверба, ментално здравје и односи. Има магистратура по брачно и семејно психолошко советување од Универзитетот во Јужна Калифорнија.


Водител е на подкастот „Problem Solved“ (заедно со Алекс Москович), каде што обработува подлабоки теми за менталното здравје и односите.

Убиен на универзитетски настан

Да потсетиме, социјалните мрежи беа преплавени со реакции за смртта на десничарскиот активист Чарли Кирк.

Кирк, лојален сојузник на американскиот претседател, беше убиен на универзитетски

настан во сојузната држава Јута вчера попладне по американско време. Властите соопштија дека осомничениот најверојатно пукал од покрив од значителна оддалеченост, додавајќи дека на собирот на Универзитетот Јута Вали се собрале околу 3000 луѓе.


Директорот на ФБИ, Каш Пател, најпрво објави дека е уапсен осомничениот за пукањето во кое беше убиен конзервативниот активист Чарли Кирк, но неколку часа подоцна соопшти дека приведениот бил пуштен по испрашувањето.