Израелски напад врз лидерите на Хамас во Доха би можел дополнително да го дестабилизира регионот.
Какви последици би можело ова да има за Катар, Израел и ситуацијата во Појасот Газа?, пишува Дојче Веле.
Досега, одговорот на Катар на израелскиот напад врз зграда во главниот град на земјата, Доха, во вторникот, во кој беа убиени петмина пониско рангирани политички лидери на милитантната група Хамас и еден локален полицаец, беше ограничен на вербална осуда. Емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, го осуди нападот и рече дека неговата земја го смета Израел за „одговорен за последиците“.
Од друга страна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападот е „целосно оправдан“ со оглед на тоа што Хамас организирал терористички напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени повеќе од 1.200 луѓе, а приближно 250 луѓе беа земени како заложници. Нетанјаху, исто така, го поврза нападот со пукањето во окупираниот Источен Ерусалим во кое беа убиени шест лица во понеделникот.
Самиот Хамас – исламистичка милитантна група која се смета за терористичка организација од Израел, САД, Европската Унија и други – потврди само дека Химам ал-Хаја, син на главниот преговарач на Хамас, Халил ал-Хаја, е убиен.
Според извештајот на новинската агенција АФП, Халил ал-Хаја и лидерот на Хамас во странство, Халид Мешал, исто така биле во зградата што била цел на нападот. АФП извести дека не успеале да ги исконтактираат.
Дипломатија или воена ескалација?
„Нападот е повик за будење за целиот регион, редефинирајќи ги границите на традиционалните партнерства и сојузи“, изјави за ДВ Санам Вакил, директорка на Програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во лондонскиот тинк-тенк Шетам Хаус. „Државите од Персискиот Залив знаат дека нивното партнерство со Соединетите Американски Држави е важно и економски и од безбедносен аспект, па затоа е тешко да се замисли какво било моментално раскинување или прекинување“, додаде таа.
Хју Ловат, истражувач во тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи, се сомнева дека сегашната ситуација би можела да ескалира во конфликт меѓу Катар и Израел. „Катар сигурно нема да возврати воено“, изјави тој за ДВ. Наместо тоа, Ловат смета дека Катар би можел да го користи својот државен инвестициски фонд за да изврши економски притисок.
Ова мислење го дели и Нил Килијам, експерт за надворешни работи во лондонската консултантска фирма „Азур стратеџи“. „Катар не е подготвен да ја ескалира ситуацијата“, изјави тој за ДВ. „Одмаздничкиот напад би го поттикнал Израел да одговори со уште поголема сила, а во моментов довербата на Доха дека САД можат да ѝ пружат заштита е длабоко разлулана“. Од една страна, САД се најважниот партнер на Израел и силно го поддржуваат во сегашната војна во Газа, но се и стратешки сојузник на Катар, домаќин на најголемата американска воена база во регионот, која користи американски системи за воздушна одбрана.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави за американските медиуми дека „не е воодушевен“ од нападот. Тој, исто така, во објава на социјалните мрежи изјави дека не бил однапред информиран за нападот врз Катар. Трамп рече: „Тоа беше одлука на [израелскиот] премиер Нетанјаху; тоа не беше моја одлука.“
„Го сметам Катар за силен сојузник и пријател на Соединетите Американски Држави и се чувствувам многу лошо поради локацијата на нападот“, напиша Трамп, но исто така нагласи дека верува оти елиминирањето на Хамас е сè уште „достојна цел“.
Дали преговорите за Газа се во опасност?
Нападот во вторник врз Доха, исто така, ја прекина последната рунда преговори за прекин на огнот во Газа и евентуалното ослободување на заложниците што ги држи Хамас по речиси две години војна.
Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман првично изјави дека Катар нема да биде обесхрабрен од нападот.
„Катар не штедеше никаков напор да ја запре оваа војна и ќе направи сè што може за да ја запре, да го запре ова непријателство во Газа“, изјави тој за новинарите, додавајќи дека неговото посредништво „ќе продолжи и ништо нема да нè одвлече од оваа улога“.
Вкоренетата позиција на Катар како клучен посредник меѓу Израел и Хамас се темели на неговите уникатни врски со двете страни во конфликтот.
Меѓутоа, подоцна во средата, Ал Тани изјави за Си-ен-ен дека „преиспитува сè“ во врска со улогата на неговата земја во преговорите за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел.
„Повторно размислувам, дури и за целиот процес во последните неколку недели, дека Нетанјаху само ни го трошеше времето“, рече тој.
Според Килијам, „Катар е навистина извонреден посредник во регионот кога станува збор за Израел“.
Ова особено се разви по 2012 година, кога политичкото раководство на Хамас се премести од Сирија во катарскиот главен град Доха. Во тоа време, САД сакаа да го спречат Хамас да се пресели во Иран, цврстиот поддржувач на милитантната група која се спротивставува на Израел и САД.
Вашингтон претпостави дека во Доха ќе биде полесно да се следи групата.
За Килијам, врските на Катар со Хамас најдобро може да се опишат како работен однос.
„Катар е посклон да го изразува политичкиот ислам во регионот“, рече тој. Соседните земји, како што се Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, се поотворени против исламистичките групи.
Тој додаде дека Катар е исто така силен критичар на Израел, за разлика од другите држави во регионот (како што се Бахреин или Обединетите Арапски Емирати, кои воспоставија дипломатски врски со Израел како дел од Абрахамскиот договор посредуван од САД во 2020 година).
Сепак, тој нагласи дека иако Катар го почитува Хамас како политичко, но и како движење на отпорот, јавно не ја поддржал единствената контрола на Хамас врз Газа.
Ставот на Катар генерално е ценет од Израел, кој со текот на времето стекна доверба во катарските преговарачките вештини.
Сепак, Катар и Израел не воспоставиле формални врски, иако одржуваат прагматични односи од 1990-тите.
За владата на Нетанјаху, одржувањето на Катар на преговарачката маса е важно бидејќи расте притисокот во рамки на Израел, но и однадвор за прекин на војната во Газа, предизвикана од нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Оттогаш повеќе од 64.500 Палестинци се убиени, според непотврдени, но широко прифатени доверливи бројки од Министерството за здравство во Газа.
Околу 50 заложници сè уште се држат од Хамас, од кои се верува дека само 20 се живи.