„До крајот на деценијата гледаме три до четири билиони американски долари вложени во инфраструктура за вештачка интелигенција“, изјави Јенсен Хуанг.
Главниот извршен директор на „NviВеdia“, Јенсен Хуанг, не стравува дека ќе дојде крај на експанзијата на потрошувачката за чипови за вештачка интелигенција. Тој прогнозира дека вредноста на тој пазар ќе порасне на повеќе билиони американски долари во следните пет години.
„Започна нова индустриска револуција. Трката за вештачката интелигенција е веќе во тек. До крајот на деценијата очекуваме три до четири билиони долари да бидат насочени кон инфраструктурата за вештачка интелигенција“, нагласи Хуанг.
Неговата прогноза делумно се темели на очекуваните 600 милијарди долари капитални инвестиции во дата-центри оваа година од големи клиенти како „Microsoft“ и „Amazon“. За еден дата-центар што чини околу 60 милијарди долари, „Nvidia“ може да оствари приход од приближно 35 милијарди долари, истакна тој.
Оптимизмот на Хуанг е во спротивност со сè поголемата претпазливост кај инвеститорите, како и со предупредувањата дека вештачката интелигенција можеби претставува пренадуван балон. Такво предупредување неодамна изнесе и шефот на „OpenAI“, Сем Алтман.
Од друга страна, самата „Nvidia“ очекува во наредниот квартал да оствари продажба вредна 54 милијарди долари, што е нешто повеќе од предвидувањата. Сепак, компанијата не гледа многу причини за забавување на растот на профитот, откако веќе ја надмина добивката на „Apple“.