Откриена тајната американска операција на Гренланд: „Ова е шокантно“

Точка

27/08/2025

19:54

3.708

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи на Данска го повикал на разговор највисокиот американски дипломат во Копенхаген по медиумските извештаи за тајни операции што наводно ги извршувале американски државјани на Гренланд.

Целта на тие операции била да се поттикне отцепувањето на таа полуавтономна данска територија во корист на Соединетите Американски Држави, пишува Би-би-си.

Обид за инфилтрација

Данскиот јавен радиодифузер ДР, повикувајќи се на свои извори, објави дека целта на операцијата била инфилтрација во гренландското општество. Иако не е јасно за кого точно работеле американските државјани, данската разузнавачка служба претходно предупреди дека Гренланд е цел на „различни видови кампањи за влијание“.


Министерот за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, рече дека „секој обид за мешање во внатрешните работи на Кралството Данска, секако, ќе биде неприфатлив“ и затоа највисокиот американски дипломат бил повикан на разговор. Би-би-си побара коментар од амбасадата на САД и Стејт департментот.

Желбата на Трамп за анексија

Овој инцидент се случува во контекст на повторените изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за желбата за анексија на Гренланд, додека потпретседателот Џеј Ди Венс го обвини Копенхаген за недоволно инвестирање во територијата. За време на посетата на Гренланд пред неколку месеци, данската премиерка Мете Фредериксен ги предупреди САД дека „не можете да анектирате друга земја“.


Расмусен изјави за Би-би-си дека владата е „свесна дека странските актери продолжуваат да покажуваат интерес за Гренланд и неговата положба во Кралството Данска“.

„Затоа, не е изненадувачки ако во наредниот период доживееме надворешни обиди за влијание врз иднината на Кралството“, додаде тој.

Создавање раздор

Данската безбедносна и разузнавачка служба (ПЕТ) во својата процена наведе дека ваквите кампањи би имале за цел „создавање раздор во односите меѓу Данска и Гренланд“.

Ова, велат тие, може да се постигне со искористување на „постоечките или замислените несогласувања“ преку „традиционални, физички агенти на влијание или преку дезинформации“. ПЕТ потврди дека го зголемила своето присуство на Гренланд и соработката со локалните власти.


Бидејќи САД во моментов немаат амбасадор во Копенхаген, Расмусен го повикал Марк Строх, кој како вршител на должноста е највисоко рангиран дипломат во данската престолнина. Ова не е прв пат оваа година; Расмусен го повика и во мај по извештаите дека американските шпионски агенции добиле наредба да ги фокусираат своите напори на Гренланд.

Комплексниот однос меѓу Данска и Гренланд

Гренланд има комплексен однос со Данска. Иако ужива широка самоуправа од 1979 година, нејзината надворешна и одбранбена политика продолжува да биде водена од Копенхаген. Повеќето политички партии ја поддржуваат независноста, но не се согласуваат околу динамиката на процесот. Иако жителите на Гренланд имаат право на референдум за независност од 2009 година, анкетите покажуваат дека големо мнозинство не сака да стане дел од Соединетите Американски Држави.

Кога американскиот потпретседател Венс ја посети американската воена база на островот во март, тој ја обвини Данска дека „не прави добра работа за народот на Гренланд“. Но, лидерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, јасно порача во мај: „Ние не припаѓаме на никого друг. Ние одлучуваме за нашата иднина“.

„Ова е шокантно“

Според Јенс Ладефогед Мортенсен од Универзитетот во Копенхаген, повикувањето на американскиот дипломат претставува невиден „дипломатски жолт картон“ во данско-американските односи.

„Овој непријателски став на администрацијата на Трамп кон Данска е шокантен“, изјави тој за Би-би-си. „Како проамериканска земја, се прашуваме зошто го правите ова“, додаде тој.


Тензиите се очигледни и во енергетскиот сектор. Владата на САД неодамна нареди запирање на изградбата на голема ветроелектрана покрај брегот на Род Ајленд, проектот „Револушн Винд“, управуван од данската компанија „Орстед“, во мнозинска сопственост на данската држава, а акциите на „Орстед“ паднаа за 16% по одлуката.