Денеска во Охрид, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оствари работна средба со делегација на Министерството за внатрешни работи на Словенија, предводена од министерот Боштјан Поклукар.
На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на одличните пријателските врски меѓу двете министерства и полиции во борбата против организираниот криминал, ситуацијата со илегалната миграција, внатрешната контрола и соработката помеѓу центрите за обука на полициските службеници. Македонската делегација на средбата предложи потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Центарот за обука на МВР и словенечката полициска академија за зајакнување на соработката во областа на образованието и заедничките обуки на кадетите и полициските службеници од двете полиции.
Тошковски се заблагодари на министерот Поклукар за целата поддршка што Словенија и словенечкото министерство за внатрешни работи постојано ни ја даваат како министерство и држава, како во справување со пожарите минатата и оваа година така и целата поддршка што ни ја дадоа во справување со последиците од трагедијата која се случи во Кочани оваа година.
„Република Словенија и нивното министерство се едни од клучните партнери и поддржувачи во реформите кои ги правиме, преку користење на нивното знаење и искуство, како за новите закони за полиција и внатрешни работи. Отпочнуваме соработка и во нашата иницијатива за отворање на Регионална асоцијација на полициски академии, обуки за полициските службеници со цел професионализација, доедукација со цел креирање на ефикасна европска полиција“, образложи Тошковски.
Потенцираше дека преку министерот Поклукар, пријателската Словенија уште еднаш ја потврдува својата поддршка како еден од нашите најголеми поддржувачи во процесот на евроинтеграции, со тоа што се вложи со целиот негов тим да бидат на располагање на македонските полициски службеници и МВР во однос на исполнување на сите услови и критериуми зададени од Европската унија.
Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар го потенцираше пријателството и соработката што меѓу нашите народи и држави се пренесува и на министерствата за внатрешни работи и потенцираше дека и во иднина можеме да сметаме на нивната целосна поддршка како во искуство и знаење така и на конкретни проекти и ситуации со цел да придонесуваме кон поголема безбезбедност на регионот, нашите држави и нашите народи.
„Наша оценка е дека министерството за внатрешни работи и македонската полиција прават одлична работа и тоа секогаш сум го истакнувал и во Европа како член на советот на министри за внатрешни работи на Европа. Одличната идеја за Регионална асоцијација на полициски академии ќе ја поддржиме и учествуваме во неа за да креираме професионални полиции на Балканот за побезбеден регион за сите. Ние сме веќе сојузници заедно во НАТО и нашата поддршка ќе продолжи во секој ваш чекор кон приклучување во нашето европско друштво на нации каде е и вашето место“, потенцираше словенечкиот министер Поклукар.
Поклукар истакна дека Словенија целосно ја поддржува Македонија на интегративниот пат кон Европската Унија и ја изрази спремноста за помош на европскиот пат кој на крај носи огромни бенефити за граѓаните и функционирањето на институциите и изрази надеж дека заслуженото место на Македонија во ЕУ ќе дојде што поскоро.