Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска по повод Денот на рударите присуствуваше на свечената манифестација во РЕК Битола, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и раководството на АД ЕСМ. Настанот беше можност да се оддаде почит кон рударите и да се нагласи нивното значење за економијата на државата.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека рударите се економски столб кои секојдневно се соочуваат со предизвици за да обезбедат стабилност и иднина за државата.
„Секојдневна битка со длабочината и темнината за ресурси кои ја движат економијата. Наша цел е секој рудар да се враќа дома безбеден и горд. Министерството стои цврсто зад секој рудар – со современа опрема, безбедни услови за работа и фер стандарди за сите,“ порача министерката.
Таа испрати и јасна порака кон компаниите што работат во секторот:
„За оние што вложуваат во безбедноста на рударите и заштитата на животната средина, поддршката е целосна. Но за оние што мислат дека можат да ја заобиколат законската регулатива – нема компромиси. Инспекциите се засилени, контролите се редовни, а казните построги од кога било. Законот важи за сите – без исклучок“, нагласи Божиновска.