Посебната врска меѓу родителите и децата е непроценлива, а еден видеозапис на „Instagram“ совршено ја прикажува магијата на односот меѓу татко и ќерка. Снимка на која бебе се смее од радост во моментот кога го здогледува својот татко стана вирален хит и ги растопи срцата на гледачите ширум светот.
Видеото го објави мајката на девојчето на профилот „@themessymamalife“. На снимката, бебето седи на под и се игра со играчки и сликовница. Во мигот кога таткото влегува во просторијата, нејзиното лице се менува – се појавува насмевка „од уво до уво“, а со рачињата мавта покажувајќи дека сака во неговата прегратка.
Таткото веднаш го разбира повикот и ја крева во раце. Девојчето во неговата прегратка зрачи, како што многумина опишаа, со „чиста среќа“. Снимката собра 2.3 милиони прегледи.
Како што пишува порталот „Parents“, бебињата чувствуваат и разбираат приврзаност иако сè уште не можат да ја изразат со зборови. Тие ја возвраќаат љубовта на родителите со насмевка, гестови и искрена радост – токму како што направи ова девојче.
Односот меѓу татко и ќерка навистина е посебен. Без разлика на годините, во очите на еден татко, неговата ќерка секогаш ќе остане „неговото девојче“.