Родителите на социјалните мрежи се воодушевени од таткото кој ја скратил рутината за заспивање на својот син од исцрпувачки 90 минути на само 15.
Трикот е толку едноставен што секој родител може да го проба уште вечерва.
На Редит, во групата „r/daddit“, татко со прекар u/TrashPandasAndPizza опишал како заспивањето во неговата куќа станало маратон. Имено неговиот тригодишен син постојано барал уште една игра, песна или чаша вода. За да го запре бескрајното одолговлекување, таткото смислил „мени за спиење“ – картичка со слики од секоја активност што неговиот син некогаш ја побарал. Менито се состоело од игра-криенка, приказни за спиење, приспивни песни, па дури и опција вратата од спалната соба да биде отворена или затворена.
Правилата биле јасни: момчето можело да избере три активности од менито и да одлучи за вратата. Откако ќе го направел изборот, рутината била дефинирана – без понатамошни барања.
„Сега тој избира три активности и опција за врата, и тоа е тоа. Без приговори“, напиша таткото. „Ако заборави, му го покажуваме менито, но во спротивно го успиваме за 15 до 20 минути“, додаде тој.
Експертите за детски развој објаснуваат дека изборите што се соодветни на возраста им помагаат на малите да се чувствуваат важни и вклучени, додека родителите сè уште одржуваат јасни граници. Ако имаат премногу избори, стануваат преоптоварени. Ако ги имаат премалку, доаѓа до отпор. „Менито за спиење“ нуди совршена рамнотежа – предвидлив, визуелен и структуриран пристап.
Без оглед на методот, тајната лежи во структурата. На децата им се потребни јасни граници, доследност и малку простор за избор. Ова ги мотивира, а на родителите им носи мир.
За многумина, оваа промена го претвора вечерното заспивање од бескрајна борба во кратка, 15-минутна рутина – и им го враќа на родителите драгоценото време за одмор на крајот од денот.