Водителот Џими Кимел се пофалил дека добил италијанско државјанство. Оваа вест доаѓа откако Кимел јавно го критикуваше Доналд Трамп по неговата победа на американските претседателски избори.
57-годишниот водител има италијански корени од мајчина страна, па се потрудил да добие државјанство на Италија бидејќи е многу незадоволен од состојбата во САД под претседателството на Доналд Трамп.
Говорејќи во подкастот на Сара Силверман, тој рекол: „Добив италијанско државјанство, го имам.“
„Она што се случува... Колку и да мислиме дека е лошо, многу е полошо. Едноставно е неверојатно. Чувствувам дека веројатно е дури и полошо отколку што би сакал Трамп да биде“, рече тој за состојбата во Америка.
Водителот на емисијата „Jimmy Kimmel Live!“ смета дека луѓето треба да ги поддржат оние кои го промениле своето мислење за Трамп, откако претходно го поддржале повторно да биде избран.
„Има многу такви луѓе. Го гледате Џо Роган како вели: ‘Зошто го прави тоа? Не треба да депортира луѓе’, а луѓето му пишуваат: ‘E*и се, ти го поддржуваше’. Мислам дека вратите мора да останат отворени. Ако сакаш да го смениш своето мислење, тоа е тешко да се направи. Ако сакаш да признаеш дека си згрешил, тоа е тешко и ретко кој ќе го направи“, рече тој.
Трамп неодамна пишуваше за Кимел и Фалон
Доналд Трамп неодамна на платформата „Truth Social “напиша дека Џими Кимел и Џими Фалон ќе бидат следните чии емисии ќе бидат откажани, откако беше објавено дека „Late Show with Stephen Colbert“ повеќе нема да се емитува по мај 2026 година.
„Се зборува, и тоа многу, дека Џими Кимел е следниот кој ќе учествува во наградната игра за неталентирани „Late Night Sweepstakes“ и, наскоро потоа, Фалон ќе замине. Тоа се луѓе без талент, кои се плаќаат со милиони долари за да уништуваат нешто што некогаш беше одлична телевизија. Навистина е убаво да ги гледам како си одат и се надевам дека јас одиграв главна улога во тоа“, напиша Трамп.
Договорот за емисијата „Jimmy Kimmel Live!“ истекува во 2026 година и сè уште не е познато дали ќе биде обновен.
Кимел го критикуваше Трамп
Во ноември минатата година, откако Трамп стана претседател на САД, Кимел изјави дека Американците „избрале криминалец“ за претседател. „Повеќе од половина држава гласаше за криминалец кој планира сам себе да си даде помилување за своите злосторства“, рече тој во својата емисија.
Додал и дека тоа била „ужасна ноќ“ за жените, децата, стотиците илјади вредни имигранти кои го движат САД, како и за здравството, климата, науката, новинарството, правдата и слободата на говор. Потенцирал дека особено биле погодени сиромашните, средната класа, повозрасните кои зависат од здравственото осигурување, сојузниците во Украина, НАТО, вистината, демократијата и пристојноста. „Ужасна ноќ за сите кои гласаа против него, а, верувале или не, и за оние кои гласаа за него — само што сè уште не се свесни за тоа“, рекол тој.