Меган Маркл и принцот Хари ја продолжиле својата соработка со Нетфликс како дел од повеќегодишен ексклузивен договор, ставајќи крај на гласините дека ја прекинуваат соработката со стриминг гигантот.
Нивниот оригинален петгодишен договор, вреден повеќе од 100 милиони долари, истекува во септември, но сега е официјално потврдено дека ќе ја продолжат соработката.
„Горди сме што го продолжуваме нашето партнерство со Нетфликс и ја прошируваме нашата соработка на брендот As ever. Мојот сопруг и јас сме инспирирани од партнерите кои тесно соработуваат со нас и тимот на Archivel Production на креирање содржина што одекнува низ целиот свет и ја слави нашата заедничка визија“, изјави војвотката од Сасекс.
По тој повод, директорката на содржината на Нетфликс, Бела Баџарија, исто така се огласи:
„Хари и Меган се влијателни гласови чии приказни допираат до публиката насекаде. Одѕивот на нивната работа зборува сам за себе, серијата Хари и Меган стана една од најгледаните документарни серии на нашата платформа, додека серијата „Со љубов, Меган“ ги инспирираше гледачите, а производите од линијата As ever се распродаваат со рекордна брзина. И‘ се радуваме на понатамошната соработка со Арчивел продукцијата“.
Божиќен специјал од Монтесито
Обожавателите на Меган можат да се радуваат — втората сезона од нејзиниот кулинарски-лајфстајл серијал „Со љубов, Меган“ пристигнува во август.
Во декември, на Нетфликс ќе се емитува специјална божиќна емисија, со порака од продукцијата:
„Оваа зима придружете се на празничната прослава на Меган во Монтесито. Заедно со пријателите и семејството, ќе украсуваме новогодишни елки, ќе правиме празнични гозби, ќе подаруваме мали подароци од срце и ќе споделуваме многу смеа — со едноставни совети што можете да ги примените дома“.
Како започна сè?
Во 2020 година, по повлекувањето од кралските должности, Хари и Меган потпишаа ексклузивен договор со Нетфликс вреден над 100 милиони долари.
Нивната дебитантска серија „Хари и Меган“ од 2022 година сруши рекорди во гледаност, носејќи низа лични откритија – од нивната прва вечера до нивната одлука да ја напуштат Велика Британија.
Тие исто така беа извршни продуценти на „Live To Lead“ серијалот за глобални активисти за правда, „Heart of Invictus“ за натпреварувачите на „invictus“ игрите и „Polo“, серија за гламурозниот живот на играчите на и надвор од теренот.