[ФОТО] „Океанот нѝ го враќа она што му го фрливме“: Како настанал музејот на пластичниот отпад – Археопластика?

Точка

12/08/2025

12:17

1.148

Големина на фонт

а а а

Сè започнало кога Енцо Сума, натуралист од италијанскиот регион Пуља, пронашол старо шише од крем за сончање „Ambre Solaire“ за време на прошетка на плажата Каровињ.

На прв поглед, безначајно парче ѓубре, но потоа ја забележал цената изразена во лири – италијанската валута пред воведувањето на еврото. Преку истражување, тој утврдил дека шишето датира уште од крајот на шеесеттите години.

Тој момент го променил неговиот став за пластичниот отпад. Наместо само да го собира и фрла, тој решил да го основа Археопластика – виртуелен музеј со над 500 предмети направени од пластика што морето ги исфрлило на италијанските брегови.


„Едно е кога теоретски знаете дека пластиката трае со векови, а сосема друго е кога ја гледате со свои очи“, рече Сума, дипломиран еколог од Универзитетот Ка‘ Фоскари во Венеција.

Од капаче од 1958 година до плоча од 1965 година

Најстариот експонат во колекцијата е капаче од шише од 1958 година, направено од моплен – тогашен револуционерен материјал познат како изотактичен полипропилен. Пронајден е на брегот во регионот Емилија-Ромања.


Други интересни „пластични фосили“ вклучуваат:

розе кутија од пудра од Германија, од 50-тите,

кутија крем за раце од 60-тите од брендот „Gli Sette“,

шишенце мед во форма на кловн, произведено исклучиво во Грција,

кутија „Nesquik“ од 80-тите,

па дури и фудбалска топка со логото на Светското првенство Италија '90.


Неодамна, во колекцијата е додаден необичен предмет – винилна плоча од 1965 година, која ја пронашло седумгодишно момче на летување. Кога ја вратиле во оригинална форма и ја пуштиле на грамофонот, се покажало дека станува збор за песната „Il Mondo“ од италијанскиот пејач Џими Фонтана.


Порака од морето

Овој проект служи не само како архива на бизарни и носталгични предмети, туку и како силна порака за трајноста на пластиката и нејзиното влијание врз животната средина.


Научниците предупредуваат дека светот влегол во пластична криза – отпадот што го фрламе во природата денес може да трае со векови. Процените велат дека околу 11 милиони тони пластика завршуваат во океаните секоја година.


„Природата буквално нѝ го враќа она што ѝ го оставивме. Археопластиката е потсетник дека ништо од тоа не исчезнува“, истакна Сума.