Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, одигра солидна полусезона како позајмен играч во редовите на Торино, редовно добиваше пофалби и од тренерот и од сопственикот на клубот, но италијанскиот тим како брзо да заборави на неговиот ефект и сега го промени ставот во екот на преодниот рок.
Првиот човек на клубот, Урбано Каиро делеше комплименти за Елмас кога Македонецот помагаше да бидат освоени важни бодови, а со последната изјава најавил дека сепак нема да има простор за нашиот репрезентативец во неговиот тим.
Торино го потврди трансферот на Џовани Симеоне, па новинарите го искористиле овој момент за да добијат појаснување за ситуацијата со Елмас, чиј матичен клуб е РБ Лајпциг.
– Веќе имаме доволно алтернативи на крилните позиции и тие ќе добијат предност.
– Преодниот рок може да донесе и изненадувања, но мислам дека нашиот тим е веќе 95 проценти изграден, – рекол Каиро.
Врз ваквиот став веројатно влијае и стратегијата на новиот тренер, а останува да се види какво решение ќе пронајде Елмас бидејќи за него минатата сезона немаше простор и во редовите на РБ Лајпциг.