Д-р Меган Мартин, педијатар и мајка на четири деца, на својот ТикТок профил предупреди на четири вообичаени летни ситуации кои изгледаат безопасни, но можат да доведат до сериозни здравствени проблеми.
Иако, како што вели таа, некои од нив може да изгледаат „чудни“ на прв поглед, предупредувањата се базираат на реални случаи и сите можат лесно да се избегнат, пренесе „New York Post“.
Д-р Мартин не ги критикува дружбите, туку предупредува за опасностите поврзани со начинот на кој се служи храната. На пикниците и скарите, јадењата често стојат надвор со часови во текот на летната жештина, додека гостите доаѓаат и си одат. Ова, вели таа е идеална средина за размножување на бактериите.
Храната што се чува на високи температури го олеснува размножувањето на бактериите што можат да предизвикаат труење со храна. Експертите советуваат да се изложуваат помали количини храна и истата да се чува во фрижидер или преносен ладилник со мраз. Ако надворешната температура е над 32°C, храната треба да се отстрани по не подолго од еден час.
Жичените четки за скара може да изгледаат практични, но тие предизвикуваат стотици посети на лекар. Малите жичени влакна можат да се одвојат, да се заглават во скарата, да завршат во храна и случајно да се проголтаат.
Хирургот д-р Тоња Фармер објасни: „Во најлош случај, влакната можат да предизвикаат апсцес или перфорација на цревата, што може да има фатални последици“. Ваквите повреди се тешки за дијагностицирање бидејќи влакната се мали и честопати невидливи на стандардните прегледи. „Тоа е како да барате игла во пласт сено“, додаде таа.
Трамбулините се популарни, но исто така и многу ризични, особено за децата. Д-р Мартин предупреди дека тие предизвикуваат голем број повреди и фрактури на коските секое лето, особено на нозете. Лекарите дури го измислија терминот „повреда настаната на трамбулина“ бидејќи ваквите повреди станале вообичаени.
Опасноста не доаѓа само од паѓања од трамбулини, туку и од скокање по самата површина. Дури и трамбулините на ниво на земја не се побезбедни, бидејќи повредите се исто така чести.
Повеќето луѓе сметаат дека каснувањата од комарци се безопасни, но тие можат да пренесат опасни вируси како што се вирусот Западен Нил и источниот коњски енцефалитис. Д-р Мартин препорача употреба на средства против инсекти и советува претпазливост ако по каснувањето се појават невообичаени симптоми како што се висока температура, главоболка или конфузија.