[ФОТО] На пат до плажата газат по фекалии: Туристите во овој дел од Хрватска ги откажуваат резервациите

Точка

05/08/2025

20:39

2.434

Големина на фонт

а а а

Вистинското лето во Округот Горњи на островот Чиово, за жал, значи излевање на фекалии. Поради непријатностите, чија причина сè уште не е откриена, сопствениците на апартмани се соочуваат со откажувања на резервации и лоши рецензии од туристите.

„Дневник.хр“ пишува дека уште од средина на јуни фекална вода тече по улицата на Округ, општина на островот Чиово.

„Секоја ноќ смрди, не се издржува. Ма, не може никој да ми каже дека тоа е само вода. Бидејќи се гледа дека не е вода, туку е сино-црно и мириса ужасно. Така што – срамота, и опасно е“, изјави Жана од Округ Горњи.


Во ова туристичко место, луксузни вили никнуваат една по друга, но тие не се придружени со соодветна инфраструктура. Наместо приклучување на канализацискиот систем, многу згради користат септички јами. Некои од овие јами, очигледно, протекуваат. И тоа токму преку улицата, што е единствениот пат до плажата за повеќето локални жители и туристи.

„Еден ден протекува, два дена не протекува, три протекува – и така во круг, ужасно“, опиша локалната жителка Анѓа. На прашањето како реагираат гостите на ова, таа рече: „Не прашувајте, се криеме. Најдобро е да избегнуваме сè, па нека прашаат наоколу. Нека одат кај градоначалникот, па нека го прашаат што е ова.“


Од друга страна градоначалникот, како и безброј пати досега, одбил да разговара со медиумите. Сепак, мештаните тврдат дека сите надлежни институции биле на терен.

„Ја видов полицијата, ги видов комуналните редари, доаѓаа од водоводот, меѓутоа – никој ништо не презема. Никој не реагира. Прашањето е до кога – додека некој не се отруе“, изјави локалниот жител Јосип.

„Велат дека сопственикот покажал дека ја празни септичката јама. Можеби ја празни, но очигледно мора почесто“, додаде Жана.


Сопственичка на една од новите згради во Округ застанала пред камерата.

„Да, се гледа дека излегува од нашата куќа. Сепак, инспекторот беше тука и утврди дека не излегува оттука. Затоа во наш интерес е ова да се реши што е можно поскоро“, рече таа.


Меѓутоа за долгорочно решение сепак ќе мора да почекаат – бидејќи почетокот на изградбата на канализациската мрежа е сè уште само во најава.