Во САД се роди бебе „старо“ 30 години: „Тој е дете од замрзнат ембрион, чудо!“

Точка

31/07/2025

14:38

936

Големина на фонт

а а а

Брачниот пар Пирс со години се борел со неплодност, а 62-годишната Арчерд не сакала да ги фрли своите три замрзнати ембриони. Тие се поврзале преку агенција за донирање ембриони, и малиот Тадеус е роден.

На 26 јули во Охајо, САД, се роди „најстарото бебе на светот“, односно Тадеус Даниел Пирс, од ембрион замрзнат во 1994 година, пред 30 години. Кога ембрионот бил создаден, неговите родители Линдзи и Тим Пирс имале 4, односно 5 години, пишува „The New York Times“.

Ембрионот првично бил создаден во процес на потпомогнато оплодување за Линда Арчерд и нејзиниот тогашен сопруг, кои се бореле со неплодност. Од четирите создадени ембриони, еден бил искористен за бременост што резултирала со раѓање на девојче – денес 30-годишна жена и мајка на десетгодишно девојче. Преостанатите три ембриони останале замрзнати.

„Секогаш силно посакував уште едно дете. Ги нарекував ’моите три мали надежи‘“, изјави денес 62-годишната Линда Арчерд. По разводот, Арчерд добила старателство над ембрионите, а неколку години подоцна дознала за можноста за донирање преку „посвојување на ембриони“, организирано од христијански агенции во САД. Нејзините ембриони биле вклучени во програма за „тешко вдомувачки ембриони“, бидејќи биле долго складирани, па шансите за успешна бременост биле помали. Таа плаќала годишна такса за чување, околу илјада долари годишно.


Кога почнала да влегува во менопауза, размислувала за своите опции. Не сакала да ги уништи ембрионите ниту да ги донира за истражувања, а сакала и да ги запознае луѓето што ќе го одгледуваат „нејзиното“ дете.

„Тоа е мојот ДНК, тие потекнуваат од мене. Тоа е брат на мојата ќерка“, рече таа.

Кога донирањето на ембриони го спроведуваат христијански агенции, донаторите имаат право да одредат на кого би сакале да одат ембрионите. Но, не сите агенции прифаќаат толку „стари“ ембриони.


„Повеќето агенции не сакаа ни да ги земат моите податоци“, рече Арчерд.

Таа сакала ембрионите да одат кај бел брачен христијански пар во САД.

„Не сакав да излегуваат од земјата, а важно ми беше да бидат христијани затоа што и јас сум“, објасни таа.


Во истата програма се вклучил и брачниот пар Пирс, кој со години се борел со неплодност. На програмата за донирање на ембриони наишле додека истражувале за посвојување.

„Имавме тешко породување, но сега сме добро и двајцата. Тадеус е мирно бебе. Воодушевени сме што го имаме“, рече Линдзи.

Клиниката за плодност „Rejoice Fertility“, каде што бил имплантиран ембрионот, ја води д-р Џон Гордон, специјалист за репродуктивна ендокринологија, кој се залага за намалување на бројот на складирани ембриони.