[ВИДЕО] Вонредно во Њујорк и Њу Џерси поради поплави – хаос во сообраќајот, откажани летови

Макфакс

01/08/2025

09:19

888

Големина на фонт

а а а

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, и вршителката на должноста гувернер на Њу Џерси, Тахеша Веј, прогласија вонредна состојба поради обилните дождови кои предизвикаа сериозна опасност од поплави во регионот.

Според американските медиуми, обилните врнежи доведоа до сериозни нарушувања во железничкиот и авионскиот сообраќај долж источниот брег на САД. Националната метеоролошка служба издаде предупредувања за поплави на подрачја од Вашингтон и Балтимор, преку Филаделфија, Делавер, Њу Џерси па сè до Њујорк.

Најмалку 1.170 летови беа откажани од осум големи аеродроми, меѓу кои: Вашингтон Далес, Балтимор-Вашингтон, Националниот аеродром Роналд Реган, Филаделфија, Њуарк Либерти, ЛаГвардија, Џон Ф. Кенеди и Бостон Логан, покажуваат податоците на сервисот за следење на летови „Флајт авер“.

Железничкиот сообраќај исто така беше нарушен, особено меѓу Филаделфија и Вилмингтон поради поплавени шини.

Во Њујорк, Лонг Ајленд и долината на реката Хадсон се очекуваа врнежи и до 12,7 сантиметри, со интензитет што може да достигне над 5 см на час. Во Њу Џерси, пак, локалните дождови може да донесат и до 18 сантиметри врнежи.

„Ги повикувам сите жители на Њујорк да бидат информирани и претпазливи, бидејќи се очекуваат обилни врнежи и можни поплави“, изјави гувернерката Хочул.

Нејзината колешка од Њу Џерси, Веј, предупреди на лизгање на земјиште, одрони и поплави, и ги повика граѓаните да останат во затворен простор.