Во четвртокот, 75-годишната модна икона ги известила вработените дека ќе се бара нова личност за позицијата главен уредник на американското издание на „Вог“ (Vogue).
Ана Винтур се повлекува од уредничката функција во американскиот "Vogue", кој го уредуваше од 1988 година. Шокантната одлука на највлијателната жена во светот на модата остави многумина во неверување – многу од нив се прашуваат дали воопшто постои личност што може да ја наследи.
2025 година дефинитивно е година на големи пресврти во светската мода. Да потсетиме, и Донатела Версаче неодамна се повлече од врвот на модната куќа Версаче, а сега и Ана Винтур го прави истиот чекор.
Како главна уредничка за содржина во "Condé Nast", Винтур беше одговорна за списанија како "Wired", "Vanity Fair", "GQ", "AD", "Condé Nast Traveler", "Glamour", "Bon Appétit", "Tatler", "World of Interiors" и "Allure", меѓу другите.
На мрежата X (поранешен Twitter), многу познавачи на модата коментираа дека оваа одлука претставува крај на една ера. Ана Винтур најпрво беше именувана за креативна директорка на американскиот "Vogue" во 1983 година, потоа стана главна уредничка на британскиот "Vogue" од 1985 до 1987 година, по што се врати во САД и ја започна својата легендарна ера во американското издание на модната Библија.