Актерот Бред Пит, чиј нов филм за Формула 1 излегува следната недела, конечно го оствари својот сон да вози автомобил од Формула 1 откако тестираше Мекларен на патеката „Circuit of the Americas“ во Остин, пренесува „Ројтерс“.
Од Мекларен, потврдија дека холивудската ѕвезда го возела болидот MCL60 од 2023 година на патеката во Тексас во четврток. Британскиот тим наводно спроведувал приватен тест со редовниот возач на Формула 1, Ландо Норис, и возачот на Формула 2, Алекс Дан.
Ова беше првпат Пит, кој го игра фиктивниот тркачки возач Сони Хејс во филмот „Ф1“, да вози вистински болид на патека. Возилата што се користеа во филмот беа од Формула 2 модифицирани од Мерцедес за да изгледаат како вистински болиди од Ф1 што се тркаат на Гран При трките.
It's a Sonny day in Austin 👀#McLaren #F1 #F1TheMovie pic.twitter.com/u8EIc7TdPa
— McLaren (@McLarenF1) June 19, 2025
Мекларен дури и го најави настапот на Пит на патеката преку објава на Икс со натписот „Ден на Сони во Остин“. Исто така, на фотографијата може да се видат иницијалите Б.П. на тркачкиот комбинезон што го означуваат името на Бред Пит, пишува „Њузвик“.
Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, копродуцент на филмот, неодамна рече дека Пит покажал вистинска брзина додека го тестирал автомобилот од Ф2.
„Гледањето како Бред вози со брзина поголема од 290 километри на час беше навистина импресивно бидејќи тоа не е нешто што може да се научи преку ноќ. Посветеноста и фокусот што Бред ги вложи во овој процес беа неверојатни за гледање“, рекол тој.