„Netflix“ и овојпат нѐ почести со нешто ново – јужнокорејска серија која ги воодушеви гледачите ширум светот, а многумина веќе ја споредуваат со популарниот филмски серијал „John Wick“.
Доколку барате нешто поразлично за гледање, тогаш серијата „Mercy for None“ е вистинска за вас. Акционата драма била промовирана на 6 јуни и досега е гледана речиси 25 милиони часа, а тоа покажува дека е навистина квалитетна. Еден корисник на „Reddit“ серијата ја опишал како многу интензивна, додека пак друг додал дека е најдобра серија за 2025 година.
За што станува збор во серијата?
Серијата го следи поранешниот гангстер Нам Ги-Џун, којшто пред 11 години го напуштил светот на криминалот откако бил тешко повреден, заедно со својот помал брат Нам Ги-Сок.
Меѓутоа, кога ќе открие дека братот му е брутално убиен, Нам Ги-Џун се враќа во криминалното подземје на Сеул за да ја открие вистината и да се одмазди и тоа го прави со бејзбол палка во раката.
Градот е под сопственост на две моќни банди, а Нам Ги-Џун којшто со години бил во егзил, сега се враќа подготвен да руши сѐ пред себе.
Гледачите воодушевени
На социјалните мрежи не престануваат да се нижат коментари:
„Овој филм е неверојатен, гледам сличност со John Wick“, „Да го наречеш корејскиот John Wick е малку претерано, но делува како да е инспириран од него“, „Ова е толку забавно да се гледа, чиста акција и интрига“, „Корејските гангстерски серии секогаш биле кул“, биле само дел од коментарите.