Црвениот крст денеска исплати средства на 156 повредени од пожарот во Кочани

Макфакс

17/06/2025

16:20

118

Големина на фонт

а а а

Во рамките на апелот на Црвениот крст на РСМ за поддршка на настраданите од катастрофалниот пожар во Кочани во периодот од 16.03.2025 до 16.06.2025, вкупно се собрани 153.931.166,00 денари. Црвениот крст на РСМ во неколку наврати изврши исплата на настрадани од пожарот во Кочани.

Со последниот денешен трансфер на 17.06.2025 година исплатени се средства на 156 лица, поделени во 5 категории, врз основа на направената проценка за степенот на повреди и прогнозата за нивното натамошно лекување, од страна на работната група на Министерството за здравство во вкупен износ од 39.750.000,00 денари.

Во престојните денови ќе се изврши трансфер на средства и на уште 11 лица за кои треба да се обезбедат потребни документи, односно изјави и согласност за користење на личните податоци, со оглед на тоа дека истите не се опфатени со досегашните исплати.

Вкупниот досегашен трансфер на средства на настраданите, заклучно со 17.06.2025 година изнесува 147.199.101,00 денари.

„Црвениот крст уште еднаш се заблагодарува на сите досегашни донатори што придонесоа и се уште придонесуваат за мобилизирање на хуманитарна поддршка за настраданите и нивните семејства. Остануваме и понатаму посветени во мобилизирањето на хуманитарна помош која ќе биде во функција на поддршка за настраданите од големиот пожар.

Црвениот крст продолжува со своите активности на терен со акцент на обезбедување на психолошка поддршка во обид да дадеме скромен придонес во надминување на последиците од катастрофалниот настан. Црвениот крст на РСМ наскоро отвара Регионален центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка во градот Кочани кој со своите активности ќе ги покрива потребите на населението во источниот дел на Македонија“, се наведува во соопштението.