Трамп: Нема да го убиеме иранскиот лидер, барем не засега

Макфакс

17/06/2025

19:45

240

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави низа пораки на социјалните мрежи во врска со Иран, вклучувајќи една во која бара „безусловно предавање“

Во претходните објави, Трамп изјави дека САД сега имаат целосна контрола врз небото над Иран и тврдеше дека знае каде се наоѓа врховниот лидер Али Хамнеи.

„Нема да го убиеме, барем не засега“, напиша Трамп, сугерирајќи дека целта е позната, но дека тој во моментов не планира напад врз иранскиот лидер.

САД испраќаат повеќе борбени авиони на Блискиот Исток
САД распоредуваат повеќе борбени авиони на Блискиот Исток за да го зајакнат своето воено присуство во регионот, поради ескалацијата на војната меѓу Израел и Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на тројца американски претставници.

Еден од изворите рече дека авионите што се испраќаат вклучуваат Ф-16, Ф-22 и Ф-35.

Двајца други претставници нагласија дека ова е одбранбено распоредување, со оглед на тоа што авионите веќе се користат за соборување беспилотни летала и ракети.

Аксиос: Трамп сериозно размислува за напад врз иранските нуклеарни објекти
Американскиот претседател Доналд Трамп сериозно ја разгледува можноста за американски воен напад врз иранските нуклеарни објекти, вклучувајќи го и подземниот објект за збогатување ураниум во Фордоу, објави Аксиос, повикувајќи се на тројца американски претставници.

Според извештајот, Трамп ќе одржи состанок со својот тим за национална безбедност во 13 часот по локално време денес во таканаречената Соба за ситуации во Белата куќа, каде што се очекува да донесе одлука за политиката на САД кон војната меѓу Израел и Иран.