Шакира моментално е на својата светска турнеја „Las mujeres ya no lloran World Tour“, во рамки на која настапи во САД, но зад себе остави и еден посебен и незаборавен момент.
Имено пејачката ја изведуваше својата хит-песна „Waka Waka“ пред 65.000 луѓе на стадионот „Camping World“ во Орландо, Флорида, кога доживеа моден гаф. Како што може да се види на снимката која стана вирална, здолништето на пејачката се скинало одзади поради движењето на колковите, откривајќи дел од нејзиното тело.
Сепак таа добро се справи со непријатната ситуација, се насмевна и продолжи како ништо да не се случило, пеејќи и танцувајќи. Моментот го забележаа обожавателите во публиката, а многумина ја пофалија нејзината реакција.
„Секогаш убава, каква штета“, „Ја обожувам, таа е најдобра“ и „Толку симпатична, Шак“, беа само дел од коментарите на обожавателите.
Колумбиската уметница одржа неколку концерти во Орландо и Мајами, каде што приреди вистински двочасовен спектакл со ВИП гости како Озуна и Алехандро Санц.
Инаку, Шакира ја продолжува својата турнеја низ САД и Мексико, а наскоро ќе ја посети и Европа, но точниот распоред сè уште не е познат.