Британската автомобилска индустрија на најниско ниво во последните 70 години

Точка

07/06/2025

09:35

688

Големина на фонт

а а а

Производството на возила во Обединетото Кралство паднало на најниско ниво во изминатите седум децении, пред сè поради неповолен распоред на празници и неизвесност околу царините, пренесува "Wards Auto".

Според податоците на Здружението на производители и трговци со моторни возила (SMMT), во април во Велика Британија се произведени само 59.203 возила – што е најниска месечна бројка од 1952 година, со исклучок на неколку месеци за време на пандемијата во 2020 година.

Производството во април е намалено за 15,8% во споредба со истиот период минатата година. Поточно, производството на патнички автомобили е намалено за 8,6% и изнесува 56.534 возила, додека производството на комерцијални возила бележи драматичен пад од 68,6%, на само 2.669 примероци. "Wards" го припишува овој пад на затворањето на една фабрика, како и на „нормализацијата на побарувачката“ по постпандемискиот бум.


Повеќе фактори придонеле за ваквите слаби резултати. Велигден, кој годинава се паѓаше во април, го скрати бројот на работни денови. Дополнително, преминот кон нови модели барал привремено стопирање на производството заради модификации на производствените линии – што дополнително ја намалило вкупната продукција. Сепак, најголем проблем остануваат американските царини на автомобили, кои во моментов изнесуваат 10% за до 100.000 возила годишно.

Извршниот директор на "SMMT", Мајк Хоус, изјави дека Обединетото Кралство ја бележи „најтешката прва половина од годината во производството“ од 2009 година, кога економијата сè уште ги чувствуваше последиците од финансиската криза.

Хоус додаде: „Потребна е итна акција за поттикнување на домашната побарувачка и зголемување на меѓународната конкурентност. Владата ја препозна клучната улога на автомобилската индустрија во британската економија, успешно преговарајќи подобрени трговски услови со САД, ЕУ и Индија за само еден месец.“


Иако царините предизвикуваат неизвесност, главниот извозен пазар на Велика Британија и понатаму е Европа. Испораките на европскиот континент во април се намалени за 19,1%, но сепак претставуваат повеќе од половина од вкупниот извоз. Бројот на возила испратени во САД е намален за 2,7% во истиот период. Од друга страна, извозот во Кина и Турција пораснал за 44%, односно 31,2%.

„За да ги искористиме овие трговски можности, мора да обезбедиме дополнителни инвестиции, што ќе зависат од конкурентноста и довербата што може да ја понуди една сеопфатна и иновативна долгорочна индустриска стратегија“, порача Хоус. „Ако го постигнеме тоа, работните места, економскиот раст и декарбонизацијата ќе се прошират низ целото Обединето Кралство.“