Крај на една ера? Некогашниот неприкосновен "Golf" тивко исчезнува од сцената

Точка

06/06/2025

10:26

2.402

Големина на фонт

а а а

"Volkswagen Golf" ја губи битката – производството падна за 75%, се сели во Мексико.

Откако првиот "Golf" излезе од производната лента на крајот од март 1974 година, "Volkswagen" има произведено повеќе од 37 милиони примероци.

Тоа е убедливо најпопуларниот автомобил во историјата на компанијата, далеку пред легендарната "Буба" (21,5 милиони) и "Polo" (20 милиони). Но, сè повеќе изгледа дека ѕвездата на "Golf" почнува да згаснува.

Според презентација на работничкиот совет во фабриката во Волфсбург, производството на овој модел нагло опаднало во последните неколку години.


Агенцијата "Reuters" дојде до интерен документ во кој се наведува дека "VW" во 2015 година произвел над еден милион "Golf" возила (хечбек и караван верзии) ширум светот, додека во минатата година биле произведени нешто повеќе од 300.000 примероци.

За 2025 година, германскиот производител очекува уште помал број – само 250.000 возила. Тоа претставува пад од 75% за само една деценија.

Даниела Кавало, претседателка на работничкиот совет, изјави за "Reuters" дека „тенденцијата на опаѓање е неповратна и неизбежна“.


Зошто "Golf" повеќе не успева?

Постојат повеќе причини.

Проблемите со софтверот кај осмата генерација уште на почетокот ја нарушија побарувачката. "VW' беше критикуван и за опаѓање на квалитетот на ентериерот во однос на одличниот "Golf Mk7".

Отстранувањето на физичките команди, лошо позиционираниот лизгач под екранот и капацитивните копчиња кај поскапите верзии пред редизајнот, дополнително ги одвратија купувачите.

Но, клучната причина лежи во денешната опседнатост со "SUV" модели.

"T-Roc", кој е практично кросовер верзија на "Golf", речиси е подеднакво популарен како и хечбекот. Според податоци на "Dataforce", минатата година во Европа биле продадени 216.549 "Golf" возила – само 13.000 повеќе од моделот "T-Roc".


"VW" планира производството на "Golf" со "SUS" мотор од Волфсбург да го пресели во Мексико, почнувајќи од 2027 година.

Со оваа промена, можно е воведување на четиридневна работна недела во фабриката во Германија, каде што се произведуваат и "Tiguan", "Tayron" и стариот "Touran".

"Golf" би требало повторно да се врати во Волфсбург кон крајот на деценијата, но како целосно електричен модел од деветтата генерација. Таму ќе се произведува и електричниот "T-Roc".


Во меѓувреме, "VW" спроведува драстични мерки за штедење – до 2030 година планира да укине дури 35.000 работни места во Германија.

Веќе над 20.000 вработени потпишале договори за доброволно заминување во наредните пет години.

До крајот на деценијата, годишното производство во Германија ќе биде намалено за 700.000 возила, а голем дел од тој пад е резултат на преселувањето на "Golf" во Мексико.


Важно е да се напомене дека "Golf" не се произведува само во Волфсбург – "VW" го склопува и во Малезија и Кина.

И додека електричниот "Golf" веќе се насетува на хоризонтот, тековниот модел со мотори со внатрешно согорување би можел да остане во производство до 2035 година, според Кај Гриниц, шеф на технички развој во "VW".