[ФОТО/ВИДЕО] Пат околу светот во еден ден: Откријте ја најубавата европска зоолошка градина

Точка

25/05/2025

17:21

1.113

Големина на фонт

а а а

Во Белгија, приближно 50 километри од Брисел, во валонскиот Ено, се наоѓа најдобрата зоолошка градина во Европа – „Паири Даиза“. Но, таа е многу, многу повеќе од зоолошка градина. Инаку на староперсиски јазик, „паири-даиза“ значи „затворена градина“ или „рај“.

И навистина е како парче рај, не само за 7.500 животни кои таму живеат, туку и за посетителите на кои им нуди пат околу светот во само еден ден.


Отворена во 1994 година како сосема поинаква зоолошка, ботаничка и културна градина, денес е една од најголемите туристички атракции во Белгија, но ниту титулата за најдобра европска зоолошка градина, ниту трите ѕвезди во „Зелениот водич на Мишелин“, ниту наградата за „најдобар нов хотелски концепт“ не зборуваат доволно за ова посебно место кое не само што ја покажува убавината и разновидноста на нашата планета, туку и дека хармонијата меѓу човекот и природата е возможна.



Паири Даиза е поделена на 9 чудесни светови населени не само со животни, туку и со автентични растенија, а човечкиот свет е присутен преку архитектура, поезија и духовни практики од различни делови на светот. Средното Кралство е инспирирано од Кина, Земјата на Ганеш е посветена на Југоисточна Азија, Земјата на студенилото е населена со животни од ледени региони, Земјата на Потеклото е инспирирана од Африка, Јужниот ’Рт од Австралија, Камброн покрај морето ги претставува водните животни и крие подводен лавиринт, Последната граница е инспирирана од дивината на Алјаска и Канада, Островите на изгрејсонцето се вистински јапонски градини.


Почнувајќи од оваа година, Паири Даиза ќе ги води посетителите на патување во праисторијата со реконструкции на изумрени животни, а посебна атракција е Вулкан, скелет на Апатосаурус стар 150 милиони години и долг 21 метар, кој бил откриен во Вајоминг во 2018 година. Од живите животни, вреди да се истакнат неколку загрозени видови кои таму добиваат најдобра грижа, а исто така е дом на најголемото стадо слонови во Европа.




Паркот организира и водени тури, сезонски настани, фестивали, едукативни работилници и уметнички перформанси, а гастрономската понуда ќе задоволи сечиј вкус и ќе ги надмине сите очекувања – всушност, таму има и вистинска традиционална белгиска микропиварница. Паркот го слави белгиското наследство со тематски содржини околу средновековните градби, и се гордее со својата колекција од парни возови а – особено – храмови. Балискиот храм во Паири Даиза е најголем од ваков вид надвор од Индонезија.




Посетителите на Паири Даиза можат и да преспијат таму – во кампер доколку имаат, што е вклучено во паркинг цената од 1 евро, но можат да си доволат и уникатно искуство на спиење со диви животни.



Овој луксузен концепт за сместување им нуди на гостите поглед на светот на дивината и нејзините жители – поларни мечки, моржови, пингвини, сибирски тигри… Цената на ноќевање на база на полупансион (со вклучен влезница за посета на паркот) во ова ексклузивно сместување „со посебно доживување“ се движи од 139 евра па нагоре. Цената на дневна карта за деца се движи помеѓу 37 и 42 евра, а за возрасни од 43 до 48 евра.


Сепак, примарната цел на Паири Даиза и нејзината Фондација е да промовираат почит и љубов кон сите форми на живот на нашата планета. Во рамките на Паири Даиза, постои и фондација која учествува во околу четириесет проекти надвор од градината кои се занимаваат со заштита на природата и животните, и соработува на иницијативи за загрозени видови и нивните живеалишта. Зоолошката градина, исто така, учествува во приближно сто европски програми за размножување (EEP), истражувачки иницијативи насочени кон одржување на генетската разновидност на популациите на загрозените видови. Во градината постои и засолниште за влекачи и водоземци, болница и центар за рехабилитација на диви животни од каде што тие потоа се враќаат во нивните природни живеалишта.


Од друга страна не изненадува фактот што зоолошката градина е целосно енергетски самоодржлива, а вишокот енергија го враќа во мрежата, има постројка за прочистување на отпадни води и ги интегрира најнапредните одржливи технологии во сите активности – од LED технологија, разменувачи на топлина, геотермална енергија итн, додека пак на паркингот постои можност за полнење на електрични автомобили.

Адреса: Pairi Daiza – Domaine de Cambron, 7940 Brugelette, Белгија.

Веб-адреса: https://www.pairidaiza.eu/en/.