[ВИДЕО] Младите Американци сè повеќе се придружуваат на руската црква: Истата им ветува „апсурдна мажественост“

Точка

25/05/2025

17:46

977

Големина на фонт

а а а

„Многу луѓе ме прашуваат: „Отец Мојсеј, како да ја доведам мојата машкост до апсурдни нивоа?“ вели свештеникот во неговото Јутјуб видео, промовирајќи сурова верзија на машкоста. Ги отфрла тесните фармерки, седењето со прекрстени нозе, пеглањето, обликувањето веѓи, па дури и јадењето супа, прогласувајќи го сето тоа за премногу женствено.

На интернет може да се пронајдат низа снимки од отец Мојсеј Мекферсон, моќно граден татко на пет деца, како крева тегови со хеви метал. Пред да стане свештеник, тој бил протестант и работел како кровопокривач, а денес служи во Руската православна црква надвор од Русија (ROCOR) во Џорџтаун, Тексас, огранок на Московската матична црква, пишува Би-би-си.

„ROCOR“ е глобална мрежа со седиште во Њујорк која во последно време се шири низ САД, првенствено благодарение на преобраќањето на верници од други деноминации. Во изминатите шест месеци, отец Мојсеј подготвил 75 луѓе за крштевање во неговата црква посветена на Богородица, северно од Остин.

„Кога јас и сопругата се преобративме во православие пред 20 години, го нарекувавме тоа најдобро чувана тајна бидејќи луѓето едноставно не знаеја што е тоа“, вели тој. „Но, во последната година и пол, бројот на членови на нашата заедница се зголеми за трипати“, истакна Мојсеј.

Софтверскиот инженер Теодор вели дека имал работата од соништата и сопруга што ја обожавал, но се чувствувал празно, како нешто да му недостасувало. Тој верува дека општеството е „многу строго“ кон мажите и постојано ги критикува. Тој се жали дека на мажите денес не им е дозволено отворено да кажат дека сакаат да бидат хранители на семејството, додека нивните сопруги се домаќинки. „Денес ни велат дека тоа е токсична врска. А не треба да биде“, вели Теодор. 

„Жените треба да го стават семејството пред кариерата“

Речиси сите конвертити со кои разговарал Би-би-си одлучиле да ги школуваат своите деца дома, делумно затоа што веруваат дека жените треба да го стават семејството пред кариерата. Отец Џон Вајтфорд, архиѓакон на „ROCOR“ од местото Спринг, во близина на Хјустон, вели дека домашното образование обезбедува религиозно воспитување и „ги штити децата“ од теми како „трансродност или 57 рода месечно“.


Иако бројот на православни христијани во Соединетите Американски Држави претставува само еден процент од населението, вклучувајќи ги источните православци од Русија, Украина, Источна Европа и Грција, како и ориенталните православци од Блискиот Исток и Африка, оваа мала заедница станува сè погласна.

„ROCOR“ бил основан од руски свештеници во бегство по револуцијата во 1917 година, а денес се смета за најконзервативно православно движење во САД. Неговото растечко влијание и профил во општеството, исто така, ги одразуваат пошироките политички промени во земјата, особено откако Доналд Трамп ја приближи американската политика кон Москва.

„Pew Research“ наведува дека процентот на мажи меѓу американските православни верници се зголемил од 46% во 2007 година на 64%. Слично на тоа, помала анкета меѓу 773 конвертити потврдува дека мнозинството новодојденци се мажи, а многумина велат дека пандемијата ги поттикнала да се впуштат во духовна потрага.

Илјадници следбеници

Интернетот игра клучна улога во овој бран на преобраќање. Отецот Мојсеј има илјадници следбеници, а објавата за доаѓањето на неговото шесто дете, илустрирана со фотографија од позитивен тест за бременост, собра речиси 6.000 лајкови на Инстаграм.


Покрај него, десетици други свештеници и верници, претежно мажи, се активни на социјалните мрежи со поткасти и снимки. Отец Мојсеј проповеда дека постојат два начина да се служи на Бога, како монах или преку брак. Секој што ќе одлучи да се ожени не треба да користи контрацепција и треба да има што е можно повеќе деца.

„Покажете ми еден светец кој благословил каков било облик на контрацепција“, вели тој. Тој ја нарекува мастурбацијата „бедна и немажествена“. Според него, православието не е мажествено, туку едноставно е нормално, додека, вели тој, Западот станал премногу феминизиран, а некои протестантски цркви се сведени на емоционални услуги приспособени исклучиво на жени.

„Не сакам да одам на служби што личат на концерт на Тејлор Свифт“, вели тој. „Ако ги погледнете текстовите на таа „worship“ музика, сè е емотивно, а тоа не е за мажи“, додава тој.

Анти-воук (anti-woke) кругови

Елиса Бјелетич Дејвис, поранешна протестантка, сега членка на Грчката православна црква во Остин, вели дека многу нови обратеници доаѓаат од „анти-воук“ кругови и понекогаш имаат искривен поглед на православието, особено оние во Руската црква. „Тие ја доживуваат како воена, ригидна, дисциплинирана, авторитарна религија за мажи. Малку е смешно. Како старите американски пуританци да се вратиле во нова форма“, вели таа.

Бак Џонсон, пожарникар со 25-годишно искуство и водител на поткастот „Каунтерфлоу“, вели дека на почетокот се плашел да влезе во локалната православна црква бидејќи имал многу тетоважи, но верниците го пречекале со раширени раце. Тој бил воодушевен и што црквата не ги затвори вратите за време на локдаунот.


Во својата дневна соба во Локхарт, пред два огромни телевизиски екрани, Бак вели дека православието го менува неговиот поглед на светот.

„Загрижен сум за негативниот американски став кон Русија“, вели тој. Тој верува дека мејнстрим медиумите погрешно ја претставуваат инвазијата врз Украина. „Мислам дека бејби-бумерите сè уште се трауматизирани од Студената војна и не разбирам зошто, но тие само велат дека Русија е лоша“, додава Бак.


Поглаварот на Руската црква, патријархот Кирил, цврсто ја поддржува руската инвазија, нарекувајќи ја Света војна и ретко изразувајќи сочувство за жртвите. Но, кога ќе го прашате отец Вајтфорд за Кирил, тој вели дека неговите изјави биле „извадени од контекст“.

Фотографиите и снимките од Владимир Путин како цитира Библија, носи свеќи на богослужба во московскиот храм „Христос Спасител“ или скока во ледена вода за Богојавление очигледно им се допаѓаат на некои Американци. Тие во Русија го гледаат последното упориште на вистинското христијанство.


Пред речиси десет години, друг преобратен православен свештеник од Тексас, отец Џозеф Глисон, се преселил со своето семејство од Соединетите Држави во селото Борисоглебски, на четири часа возење северно од Москва. „Во Русија нема истополови бракови, нема граѓански заедници, тука можете да ги школувате вашите деца дома и, секако, ја сакам илјадагодишната православна традиција“, рече тој во едно руско видео.


Овој Тексашанец со ретка брада сега предводи движење кое ги повикува конзервативците да се преселат во Русија. Минатиот август, Путин воведе забрзан процес на издавање визи за оние што бегаат од западниот либерализам. Во Тексас, Бак заклучува: „Го вртиме грбот на консумеризмот и инстант задоволствата. Почнуваме да размислуваме долгорочно, за традицијата, љубовта кон семејството, заедницата, соседите. Православието одлично нѝ одговара, особено во Тексас“.