Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок (германската служба за внатрешна безбедност и разузнавање) предупредува на „агенти за еднократна употреба“ кои дејствуваат во име на Русија. „Со години забележуваме јасно зголемување на активностите на руските разузнавачки служби“, изјави за новинската агенција „dpa“ Синан Селен, заменик-претседател на Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок (BfV).
Во таквите активности користат и луѓе кои се регрутирани за индивидуални акции или операции преку социјалните медиуми или на други начини – таканаречени „агенти од ниско ниво“, кои исто се нарекуваат „агенти за еднократна употреба“. Според Селен, регрутирањето на овие лица често служи за дезинформирање, саботажи или извидување на цели, пренесе Дојче веле.
„Агенти за еднократна употреба“
„Агенти за еднократна употреба“ се луѓе кои не се официјални разузнавачки службеници. Ваквите лица често се регрутираат преку апликации за размена на пораки како Телеграм за да извршат навидум безопасна задача за мал паричен надомест. Според сознанијата на германските безбедносни служби, најчесто се регрутираат луѓе кои претходно се истакнувале со проруски изјави.
Русија наводно веќе неколку години засилено го користи овој метод, бидејќи стотици професионални шпиони морале да ги напуштат дипломатските позиции по почетокот на руската агресија врз Украина. Покрај тоа, употребата на „агенти за еднократна употреба“ служи и за прикривање на вистинските налогодавачи.
Според мислењето на Селен, зголемената употреба на овие агенти е исто така реакција на успесите на домашното контраразузнавање.
Трајна закана
Пред неколку дена станаа познати наводните планови за напади врз товарниот сообраќај во Германија. Тројца украински државјани беа уапсени во Германија и Швајцарија. Канцеларијата на федералниот државен обвинител ги обвини за шпионажа со цел саботажа. Според официјалните извештаи, постои сомневање дека државни актери од Русија стојат зад ова како нарачатели.
Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок претпоставува дека руските активности во Европа претставуваат долгорочна закана – без оглед на војната на Русија против Украина и понатамошниот развој на тој конфликт. Се проценува дека оваа закана останува трајно висока.