Најновиот предлог-закон што во Собранието го поднесе опозициската СДСМ – Законот за поддршка на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани – требаше да биде сериозен, одмерен и одговорен обид за системска поддршка. За жал, тој е далеку од тоа, вели пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Најпрвин, како човек, ја изразувам својата најдлабока почит и сочувство кон сите семејства што ги загубија своите најблиски во оваа трагедија. Но како пратеник, имам обврска да проговорам за начинот на кој СДСМ се обидува да ја злоупотреби болката на тие семејства за дневно-политички цели.
Овој предлог-закон е делумно неприменлив, делумно влегува во колизија со сопствените одредби, а делумно се преклопува со постоечки законски права. Сето тоа укажува дека станува збор за документ кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за вистинска поддршка“.
Дополнително, според него, законот експлицитно ги фаворизира настраданите од одредени настани, игнорирајќи други слични трагедии. Со тоа, вели Петрушевски, се воспоставува опасен преседан – правата се темелат на конкретен настан, наместо да се воспостави универзален и праведен систем за сите жртви на несреќи или катастрофи, што го нарушува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред законите.
Нагласува дека продолжува континуираната поддршка од страна на Владата за сите погодени граѓани, како што беше случај, како што рече и веднаш по трагедијата, кога беа преземени сите потребни мерки за покривање на трошоците за лекување и медицински транспорт во странство.
„Во продолжение ги истакнувам клучните слабости на законот:
Член 11 и член 21 предвидуваат различни институции како надлежни за иста постапка – Министерството за здравство, односно Комисијата – што создава правна неусогласеност.
Член 25 остава впечаток дека треба да се формираат повеќе комисии („комисии од наведените несреќи“), што е спротивно на концептот на една, централизирана Комисија утврдена во член 17.
Законот предвидува финансиски надоместоци, без никаква анализа на бројот на корисници, ниту наведен извор на финансирање од соодветна програма во Буџетот. Ова е особено проблематично ако се земе предвид дека со членот 25 законот се проширува и на претходни трагедии.
Предвидените права дуплираат веќе постоечки права од Законот за социјална заштита, Законот за здравствено осигурување и други акти, без обид за нивно усогласување или надградба.
Проширувањето на примената за трагедии од 2019 и 2021 година е ретроактивен потег со спорна правна основа, кој може да предизвика правна несигурност и нееднаквост.
Не се предвидени санкции за институции што ќе постапат неажурно или ќе ги прекршат своите обврски.
Во член 13 не е јасно дали стипендиите важат само за државни универзитети, или и за приватни и странски, што може да резултира со нееднаквост во пристапот до ова право.
Не е дефиниран механизам за утврдување дали некое лице веќе примило поддршка по друг основ, ниту како ќе се пресметува разликата според новиот закон.
Комисијата има прешироки надлежности и значителна дискрециона моќ без јасно утврден надворешен надзор, што отвора простор за бирократизација и евентуални злоупотреби“.
Од сите овие причини, ВМРО-ДПМНЕ, додава Петрушевски, нема да дозволи оваа трагедија да биде злоупотребена за политички маркетинг преку лошо напишани, неусогласени и политички мотивирани закони. „Законот, во ваква форма, нема да добие наша поддршка“.