Спасовски: ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа нашиот предлог за помош на жртвите од трагедијата во Кочани

Макфакс

14/05/2025

14:08

149

Големина на фонт

а а а

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ не гласаа и не го поддржаа предлогот на СДСМ на дневен ред да се стави Законот за помош на семејствата на загинатите и повредените од Кочани, соопштија од СДСМ.

„Го предложивме ова законско решение затоа што не станува збор за обичен законски текст, туку за морална, институционална и човечка обврска на сите нас. Тој произлезе од големата трагедија што ни се случи во Кочани, каде што животот го загубија 62 лица, а уште 250 беа повредени. Со донесувањето на овој закон ја преземаме нашата должност како држава – да не дозволиме страдањата на граѓаните да бидат игнорирани или потиснати“, рече пратеникот Оливер Спасовски.

Со тоа, додаде тој, институциите конечно ќе застанат зад народот по оваа трагедија. Според Спасовски, потребна е помош и во деновите што следат, во процесот на закрепнување, со солидарност и одговорност.

„Поддршката преку овој закон опфаќа обештетување за сите семејства што загубиле член – по 80.000 евра во денарска противвредност. Помош ќе добијат и оние кои имаат инвалидитет“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски денес во Собранието.

Тој потенцираше дека со законот се предвидува добивање приоритетен пристап до здравствени услуги – како за лекување, така и за рехабилитација – при што сите услуги ќе бидат покриени од државата, како во земјата, така и во странство. Исто така, се предвидуваат и измени во трудовото право: секој родител што има повредено дете да има право на неплатено отсуство.