Дали САД ќе ги помират Индија и Пакистан?

Точка

08/05/2025

21:15

715

Големина на фонт

а а а

Воздушни напади и артилерија го бомбардираат регионот околу Кашмир. Експертите во разговор со Дојче Веле зборуваа за тоа колку може да биде опасен конфликтот меѓу нуклеарните сили Индија и Пакистан, а се чини дека само Соединетите Американски Држави имаат моќ да повикаат на мир меѓу двете земји.

Во регионот Кашмир расте загриженоста за можна нова војна. По индиските ракетни напади во кои беа убиени многумина, пакистанскиот премиер најави решителен одговор.

Според извештаите, имало нови вооружени конфликти и соборување на беспилотни летала.


Откако индиската армија изврши напади врз неколку цели во Пакистан, ситуацијата на индискиот потконтинент дополнително се влоши. Пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф, по состанокот на Советот за безбедност во Исламабад, повторно изјави дека ќе следи одговор на индиската воена акција.


Според пакистанската армија, во последните ракетни напади загинале 31 лице, а 57 биле ранети. Исто така, беше објавено дека неколку лица во Индија загинале како резултат на артилерискиот напад на пакистанската армија врз индискиот дел од Кашмир.

Повеќе дронови биле соборени

Во меѓувреме, насилните судири продолжуваат. Според извештаите, во четврток (8 мај) наутро имало уште една размена на оган меѓу индиски и пакистански војници.

Индиската армија соопшти дека пакистанската армија пукала со лесна пешадија и артилерија во текот на ноќта. Индиската армија, како што беше соопштено, „одговорила на соодветен начин“.


Во исто време, според полициските извештаи пакистанската воздушна одбрана собори дрон во близина на станбена област во градот Лахоре. Инаку во тој дел се наоѓаат и воени институции.

Веднаш не беше јасно дали станува збор за вооружен дрон или за извидувачка направа. Локалните медиуми, исто така, известија за соборување на други беспилотни летала во градовите на пакистанската покраина Пенџаб.

Индија тврди дека нападнала „терористички кампови“

Индија соопшти дека во ноќта вторник кон среда нападнала неколку цели во Пакистан и во делот од Кашмир контролиран од Пакистан. Како што рекоа станува збор за одговор на терористичкиот напад од 22 април во делот од Кашмир контролиран од Индија, во кој загинаа 26 лица.

Според индиските власти, нападите биле насочени кон „терористичка инфраструктура“.


Меѓутоа, пакистанската влада тврди дека биле погодени џамии, приватни домови и административни згради.



„Нападот врз нашите цивили нема да остане без одговор. Тие ќе ја сносат одговорноста за таков кукавички чин“, изјави за ДВ пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Асиф.

Тој додаде дека сите цели што ги нападнала Индија биле „цивилни“, отфрлајќи ги тврдењата на Њу Делхи дека целите биле терористички локации како „апсолутно неосновани и куп лаги“.


С. К. Чатерџи, поранешен офицер на индиската армија и воен стратег, изјави дека ако Пакистан возврати, конфликтот би можел да се прелее на други боишта, што би барало распоредување на копнени трупи долж линијата на контрола.

„Сè уште е рано да се предвиди што би можело да се случи, но меѓународниот притисок треба да помогне ситуацијата да не излезе од контрола“, додаде тој.

Страв од ескалација на воениот конфликт

Амит Ранџан, истражувач во Институтот за јужноазиски студии на Националниот универзитет во Сингапур, за ДВ изјави дека верува оти „борбата ќе ескалира“ и дека смирувањето на ситуацијата ќе зависи од „колку далеку двете земји ќе одлучат да одат во ескалацијата на овој инцидент“.


Елизабет Трелкелд, директорка на програмата за Јужна Азија во вашингтонскиот Стимсон центар, го смета овој инцидент за најсериозен меѓу двете нуклеарни сили во последните години.


„Потенцијалот за ескалација е значителен, особено во светло на првите извештаи за брза одмазда од Пакистан и можното соборување на авиони“, изјави Трелкелд за ДВ.

Повици на дијалог и воздржаност

Меѓународната заедница, вклучувајќи ги ОН, ЕУ и САД, ги повикаа двете страни да ги намалат тензиите. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се надева оти борбите ќе „завршат многу брзо“, нарекувајќи ја ескалацијата на конфликтот „срамота“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и бројни други светски лидери апелираа до двете страни да покажат воздржаност.


Пакистанската дипломатка Малија Лоди, која беше амбасадор на Пакистан во САД, Велика Британија и ОН, за ДВ изјави дека „ситуацијата сега треба да се стави под контрола бидејќи понатамошната ескалација во нуклеарната средина е полна со големи ризици“.

Таа нагласи дека американската интервенција би можела да спречи „голема ескалација“. „Минатите кризи меѓу Индија и Пакистан секогаш беа смирувани со посредништво на САД“, истакна Лоди.

Конфликтот датира од колонијалните времиња

Кашмир, регионот во Хималаите е поделен помеѓу Пакистан и Индија, но и двете страни веруваат дека целата територија треба да биде нивна.


Корените на конфликтот датираат од колонијалната ера. Имено во 1947 година, Британците му доделија независност на индискиот потконтинент и го поделија. Оваа поделба ја создаде Индија, населена со мнозинство хиндуисти, и новиот муслимански Пакистан.


Насилната поделба продолжува да поттикнува длабоко непријателство. Од независноста, двете земји водеа три војни, од кои две беа поради Кашмир.