Путин и Ши Џинпинг потпишаа изјава за продлабочување на сеопфатното партнерство меѓу Русија и Кина: „Потребно е челично пријателство“

Точка

08/05/2025

19:59

768

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Ши Џинпинг денеска, по нивната средба, потпишаа повеќе од 20 документи за соработка, вклучително и заедничка изјава за продлабочување на сеопфатното партнерство и стратешка соработка меѓу двете земји, пренесува агенцијата РИА.

„Разговорите помеѓу Русија и Кина се одвиваа во топла и пријателска атмосфера, беа содржајни и продуктивни. Двете земји се залагаат за зачувување на сеќавањето на победата над фашизмот како заедничка вредност на целото човештво“, изјави Путин, додавајќи дека Ши ќе присуствува на Парадата на победата во Москва на 9 мај, заедно со други светски лидери.

Тој најави и дека во септември, во Пекинг, Кина и Русија заедно ќе ја одбележат 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг изјави дека Кина и Русија треба да продолжат со продлабочување на практичната соработка во различни области и да постават цврсти основи за сеопфатна стратешка соработка.

„Треба да соработуваме во хармонија и да бидеме лидери во глобалното управување. Нашите билатерални односи треба да станат позрели и поотпорни“, изјави Ши , додавајќи дека Кина и Русија треба да имаат „челично“ пријателство.

Путин: Русија и Кина ќе усвојат завршен документ фокусиран на спречување на нацизмот

Путин денеска изјави дека ќе биде усвоен заеднички завршен документ кој ќе се фокусира на 80-годишнината од победата над нацизмот, како и на спречување на неговото ширење во денешно време.

„Главниот завршен документ ќе биде заедничка изјава на највисоко ниво, чија водечка тема ќе биде 80-годишнината од Големата победа и живата врска помеѓу времињата — не само во поглед на историското паметење и патриотското воспитување на младите, туку и во контекст на спротивставување на обидите за оживување на нацизмот и милитаризмот, како и ревизија на резултатите од Втората светска војна“, изјави Путин, пренесува РИА Новости.

Истовремено, тој му се заблагодари на Ши за посетата на Русија и изрази подготвеност да ја посети Кина во наредниот период.

Путин и Ши се согласија дека Русија и Кина ги развиваат своите односи за доброто на своите народи, а не против други земји, како и дека односите меѓу Москва и Пекинг се заемно корисни.

Двајцата лидери се согласија и да ја „бранат вистината за историјата на Втората светска војна“, како и да продолжат со спроведување на низа билатерални договори.

„Рускиот и кинескиот народ пред 80 години, по цена на огромни загуби, ја извојуваа Големата победа, давајќи значаен историски придонес за мирот во светот и напредокот на човештвото“, истакна Ши.

Ши пристигна во Москва во средата, а неговата посета се очекува да трае до 10 мај.