[ФОТО/ВИДЕО] Сè е подготвено за 9-ти мај – Еве како изгледаше генералната проба за воената парада во Москва: Русите ништо не препуштаат на случајот

Точка

08/05/2025

22:10

1.414

Големина на фонт

а а а

На 9-ти мај, Русија го слави Денот на победата, еден од најважните национални празници. Тој ден се слави победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, позната во Русија како Голема патриотска војна, а во Москва вчера се одржа генералната проба за Парадата на победата.

Руски авиони летаа над Москва како дел од генералната проба за парадата.

Еве како изгледаше главната проба за парадата





Повеќе од 14.000 војници на парадата

Оваа година, парадата ја одбележува 80-годишнината од победата над нацистичка Германија и се очекува учество на околу 14.000 војници, повеќе од 210 воени возила и надлетување со повеќе од 80 авиони. Ќе учествуваат и воени единици од 13 земји, вклучувајќи ја и Кина.




Централниот настан е голема воена парада на Црвениот плоштад во Москва, во која ќе учествуваат војници, тенкови, авиони и друга воена опрема.




Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, во вторникот изјави дека се очекува повеќе од 80 светски лидери да бидат во Москва оваа година за Денот на победата.

Кој ќе присуствува на големиот настан?

На листата се наоѓаат бројни лидери и високи функционери, како што се кинескиот претседател Си Џинпинг, венецуелскиот претседател Николас Мадуро, бразилскиот претседател Луиз Игнасио Лула да Силва, индискиот премиер Нарендра Моди, словачкиот премиер Роберт Фицо како и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Исто така се очекува на церемонијата да пристигне и блискиот сојузник на Путин, белорускиот претседател Александар Лукашенко, како и претседателите на Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Узбекистан и Таџикистан.

Дали Киев ќе ја нападне Москва на Денот на победата?

И покрај повторените напади со беспилотни летала врз Москва и постоењето на одредена доза на загриженост во руската престолнина, самите украински власти ја отфрлија можноста за напад на Денот на победата. Висок претставник на украинските одбранбени сили изјави за „Вашингтон пост“ дека постои мала веројатност дека ќе има такви обиди – бидејќи шансите за успех се мали.



„Како што можете да видите, тие ги преместија сите руски системи за противвоздушна одбрана за да ја заштитат Москва. Дури и да има обид, тој нема да биде успешен“, рече анонимниот функционер.

„Можеби ќе има украински напади врз други региони, но не и врз Москва“, додаде тој.





Друг украински одбранбен функционер изјави за „Пост“ дека нападот врз настанот на Црвениот плоштад – во кој ќе учествуваат кинески, индиски, па дури и европски претставници, би ризикувал руска одмазда и би можел да го разбесни Вашингтон. Тој ги опиша тврдењата дека Украина планира напад како „претерување“.

Зеленски не гарантира безбедност

Инаку украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли предлогот на Владимир Путин за тридневен прекин на огнот за 9-ти мај и истакна дека „Украина не може да ја гарантира безбедноста на светските лидери во Москва на 9-ти мај“.


Советски жртви во Втората светска војна

Во Русија, секоја година на 9-ти мај, по повод Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна, се одржуваат паради на победата во повеќе градови, а централната е на Црвениот плоштад во Москва.




Инаку Советскиот Сојуз изгуби 27 милиони луѓе во Втората светска војна, вклучувајќи милиони во Украина, но на крајот ги потисна нацистичките сили назад во Берлин, каде што Адолф Хитлер изврши самоубиство, а црвеното советско знаме на победата беше кренато над Рајхстагот во 1945 година.



За Русите – и за многу народи од поранешниот Советски Сојуз – 9-ти  мај е најсветиот датум во календарот, а Путин, лут од она што тој го нарекува обид на Западот да ја намали важноста на советската победа, се обиде да ги искористи сеќавањата на Втората светска војна за да го обедини руското општество.