Додека целиот свет со нетрпение го набљудува оџакот на Систинската капела во Ватикан и го чека моментот кога од него ќе се појави бел чад, малкумина знаат дека зад оваа мистична церемонија стои – тим жени. И тоа, многу моќен тим.
Додека 133 кардинали од целиот свет учествуваат во најстрого чуваниот избор во светот на религијата, изборот на нов поглавар на Католичката црква, жените во позадина ги извршуваат најважните работи за сѐ да функционира без грешка.
Иако не се дел од самата конклава, без нив таа не би можела да се одржи.
Кои се жените кои го држат Ватикан под контрола додека трае изборот на папа?
Во центарот на настаните е „Domus Sanctae Marthae“, папскиот „хотел“ со околу 100 апартмани во којшто се сместени сите кардинали во текот на конклавата. Тој комплекс не го водат кардинали, ниту бискупи, туку калуѓерки – жени кои секојдневно готват, чистат, организираат оброци и се грижат за секој детаљ.
Италијанските специјалитети како: тестенини, разни супи, месо, токму тие ги подготвуваат, додека кардиналите ги носат историските одлуки. Единствена забрана? Нема салфетки за да не се праќаат пораки тајно.
Тивка сила од сенка: Без нив – нема ни бел, ни црн чад
Психолошкиот притисок, затвореноста и изолацијата низ која поминуваат кардиналите се олеснува благодарение на овие жени кои знаат кога да се повлечат, а кога дискретно да реагираат.
Иако не учествуваат во самото гласање, нивната улога е емоционална, логистичка и симболичка, токму она што на овој ритуал му дава човекова димензија.
Во филмот „Конклава“ од 2024 година, сестрата Агнеза ја толкува актерката Изабела Роселини, а сцените од кујната и трпезаријата се најдобра илустрација на тивката моќ на овие жени.
Предизвик на папата: Кога жените ќе го заземат своето место и во хиерархијата?
Иако жените моментално немаат право на глас при изборот на папа, многумина веруваат дека токму тоа прашање ќе стане клучно за новиот поглавар.
Писателот Роберт Херис, автор на романот „Конклава“, истакнува дека вклучувањето на жените во одлучувањето би можело да стане најважното прашање на новиот папа.
„Во 21 век, дали е можно да верувате дека Христос не сакал половина од човештвото да има полна улога во ширење на неговите зборови?“, прашува Херис.
Жените и верата: Меѓу симболиката и реалната моќ
Улогата на жените во Ватикан и натаму е ограничена, но нивната присутност во секојдневниот живот на црквата е неоспорна.
Од медицински сестри, професорки по теологија, калуѓерки, до верници и мисионерки, тие го сочинуваат тивкото ткиво кое го поврзува духовното и практичното.
Можеби баш новиот папа, кога ќе се појави белиот чад, ќе ја отвори вратата за подлабока и повидлива улога на жените, не само во кујната на конклавата туку и во самата суштина на црковната моќ.