Жена која исчезнала пред речиси 63 години е пронајдена жива и здрава откако повторно бил отворен случајот за нејзиното исчезнување, соопшти полицијата во американската сојузна држава Висконсин.
Одри Бакенберг имала 20 години кога исчезнала од својот дом во малиот град Ридсбург на 7 јули 1962 година.
Во соопштението, шерифот на округот Сук, Чип Мајстер, изјави дека исчезнувањето на г-ѓа Бакенберг било „нејзина лична одлука, а не резултат на каква било криминална активност или сомнителни околности“, пренесе Би-би-си.
Шерифот додаде дека таа живее надвор од Висконсин, но не откри дополнителни детали.
Според непрофитната организација „Wisconsin Missing Persons Advocacy“, која се занимава со исчезнати лица, во моментот на нејзиното исчезнување, Одри Бакенберг била мажена и имала две деца.
Организацијата соопшти дека неколку дена пред нејзиното исчезнување, сега 82-годишната Бакенберг поднела кривична пријава против својот сопруг, за кого се омажила кога имала само 15 години, обвинувајќи го дека ја тепал и ѝ се заканувал дека ќе ја убие.
На денот на нејзиното исчезнување, таа го напуштила дома за да подигне чек со плата од текстилната фабрика каде што работела.
Девојчето, кое во тоа време имало 14 години и ги чувало нејзините деца, им кажала на полицајците дека таа и Бакенберг со автостоп стасале до Медисон, главниот град на Висконсин, а потоа со автобус отпатувале во Индијанаполис, Индијана, оддалечен околу 480 километри.
„Мислам дека таа едноставно си заминала и продолжила понатаму“
Девојчето потоа се исплашило и сакало да си оди дома, но Бакенберг одбила и последен пат била видена како ја напушта автобуската станица.
Канцеларијата на локалниот шериф соопшти дека низ годините истражителите следеле бројни траги поврзани со случајот, но дека со текот на времето тие „замрзнале“ сè додека на почетокот од оваа година не бил спроведен детален преглед на старите досиеја.
Детективот кој го решил случајот, Ајзак Хансон, за локалната станица „WISN“ рекол дека клучната трага била онлајн генеалогија што ја водела сестрата на Одри Бакенберг, која довела до нејзината локација.
Детективот Хансон контактирал со канцеларијата на шерифот во округот каде што сега живее Бакенберг и по телефон разговарал со неа 45 минути.
„Мислам дека таа едноставно си заминала и продолжила понатаму, го живеела својот живот. Звучеше среќно. Сигурна во својата одлука. Без каење“, изјавил Хансон за „WISN“.