Тој е романскиот Трамп, ќе може ли некој да го запре? Победата на Џорџ Симион во првиот круг од претседателските избори најавува сериозни „потреси“ во источното НАТО крило

Точка

05/05/2025

18:34

1.289

Големина на фонт

а а а

Џорџ Симион (38), романскиот ултрадесничар и евроскептик, победи во првиот круг од повторените претседателски избори во таа земја, кои се одржаа во недела.

Ројтерс пренесе дека тоа го покажале речиси целосните резултати, по гласањето кое се смета за тест за подемот на национализмот во стилот на американскиот претседател Доналд Трамп во Европската Унија.

Податоците од околу 99,6% од избирачките места покажаа дека градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан (55) е на второто место со околу 21% од гласовите, далеку зад 40,6% на Симион, а двајцата ќе се соочат во вториот круг од изборите на 18 мај.


Британската агенција се повикува на мислењето на политичките аналитичари дека победата на Симион би можела да ја изолира земјата, да ги загрози инвестициите и да го дестабилизира источното крило на НАТО, каде што Украина се бори против руската инвазија што трае повеќе од три години.

Се вели дека таа, исто така, ќе го прошири опсегот на евроскептични лидери во ЕУ, кој веќе ги вклучува унгарскиот и словачкиот премиер, во време кога Европа се бори како да формулира заеднички одговор на вториот мандат на Трамп.


„Ова не е само изборна победа, ова е победа на романското достоинство. Тоа е победа за оние кои не ја изгубиле надежта, оние кои сè уште веруваат во Романија, слободна, почитувана, суверена земја“ изјави Симион.

Ројтерс објави дека Симион, го искористил бранот на народен гнев против водечките политички лидери, а исто така се спротивставува на воената помош за соседна Украина, критички се однесува кон раководството на ЕУ и вели дека е поврзан со движењето на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA).


„Ние сме трампистичка партија која ќе владее со Романија и која ќе ја направи Романија силен партнер во НАТО и силен сојузник на САД“ изјави Симион за странските медиуми непосредно пред затворањето на гласачките места.

Второпласираниот Дан, независниот кандидат чија кампања била насочена против корупцијата, го престигна поранешниот сенатор Крин Антонеску (65), центристичкиот кандидат поддржан од три партии во прозападната коалициска влада.


Тој доби значајна поддршка меѓу Романците во странство, кои во последните години беа повеќе наклонети кон кандидатите против естаблишментот како Ден и Симион.

Имено гласовите на романската дијаспора од 96 отсто од гласачките места покажаа дека Дан освоил 26% поддршка, но сепак е далеку од 60% на Симион.


Британската агенција потсетува дека гласањето во недела се одржа пет месеци откако првиот обид за одржување на изборите бил откажан поради наводно руско мешање во корист на лидерот на крајната десница Калин Георгеску, на кого потоа му беше забрането повторно да се кандидира.

Симион, кој во тоа време освои само 14 отсо од гласовите, се чини дека го искористил растот на поддршката за крајната десница предводена од Георгеску.

Во неделата, тој гласал заедно со Георгеску, кој ги нарече изборите „измама“ и ги повика Романците да ја преземат контролата врз својата земја.


Инаку Симион не е единствениот политичар во стилот „MAGA“ стилот кој се бори за власт во Централна Европа.

Карол Навроцки, претседателскиот кандидат поддржан од главната националистичка опозициска партија во Полска во пресрет на претседателските избори на 18 мај, се сретна со американскиот претседател.


„Романија и Полска се две важни земји за САД. Ние ги претставуваме партнерите и ги претставуваме сојузниците, воените и политичките, на сегашната (американска) администрација. Затоа е важно MAGA претседателите да бидат на власт во Букурешт и Варшава“ рече Симион за Ројтерс пред првиот круг од изборите.