Романскиот премиер поднесе оставка, неговата партија ја напушта владата

Макфакс

05/05/2025

19:49

397

Големина на фонт

а а а

Романскиот премиер Марсел Чолаку денес изјави дека поднесува оставка од својата функција по состанокот на владејачката коалиција, на кој беа разгледани резултатите од првиот круг од претседателските избори и слабите резултати на кандидатите на владејачката коалиција.

„Во декември беше формирана владејачка коалиција со две цели: да се обезбеди стабилна влада и да се обезбеди кандидат кој ќе ги добие претседателските избори во Романија. Не успеавме да постигнеме една од овие две цели.“

Го видовме гласањето на Романците вчера, тоа значи дека владејачката коалиција нема легитимитет“, рече Чолаку, објави романскиот портал Диги24.

Чолаку рече дека им предложил на своите колеги од Социјалдемократската партија на Романија (ПСД) да ја напуштат владејачката коалиција, што имплицитно води до негова оставка од функцијата премиер.


Тој, исто така, објави дека ПСД нема официјално да поддржи ниту еден кандидат во вториот круг.

Чолаку им изјави на новинарите дека ја разгледува можноста за оставка со оглед на лошиот резултат постигнат од кандидатот на претседателските избори, поддржан од владејачката коалиција, кој не влезе во вториот круг од изборите.

Лидерите на владејачката коалиција, која ја сочинуваат ПСД, Националната либерална партија (ПНЛ) и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (УДМР), денес се состанаа за да ја утврдат стратегијата за вториот круг од претседателските избори, но и да разговараат за иднината на владејачката коалиција.

Опозицискиот ултрадесничар Џорџ Симион и градоначалникот на Букурешт Никушор Дан ќе се борат на 18 мај во вториот круг од изборите за нов претседател на Романија, според романските медиуми, повикувајќи се на податоци од Централната изборна комисија. По обработката на 99,99 проценти од гласачките ливчиња, Симион освои 40,94 проценти од гласовите, а Никушор Дан 20,99 проценти од гласовите, објави романскиот портал Digi24.

Кандидатот на владејачката коалиција, Крин Антонеску, доби 20,07 проценти од гласовите, пренесува Танјуг.